Македонија
22. April 2021 - 21:26

Молк од Мешовитата македонско-бугарска историска комисија – Дали има напредок?

Внимателност во проценките и без оценка за денешната работа. Македонските и бугарските историчари го завршија првиот ден од 13-та средба на Мешовитата комисија, но информациите за сработеното ги оставија за утре.

Дали молкот на историчарите навестува поместување на позициите и помрднување од статус квото во кое западнаа историчарите?

Неофицијално, на денешниот онлајн состанок немало ништо ново, што би донело пресврт во преговорите. Немало бележлив напредок, а спорните прашања се оставени за утре, кога и офоцијално ќе биде познат исходот од новата средба на историчарите.

Онлајн средбата требаше да продолжи таму каде што застана во февруари. Од средновековието и цар Самоил, преку учебниците за основно одделение, и ако остане време, да се стигне до прашањето за Гоце Делчев. И двете страни решија да не споделуваат детали за текот на денешната средба на Комисијата, која подолго време не бележи напредок во работата.

За премиерот, секој исчекор што ќе го направи мешовитата историска комисија е значаен за спорот кој го имаме со источниот сосед. Добредојдена е и помош од трета страна, изјави Заев.

Напредокот во работата на македонско бугарската комисија е услов кој Бугарија ги наметна за започнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Ова е втора средба на Комисијата од предвидените пет за оваа година. Покрај историските прашања, на агендата треба да се најде и потпишувањето на записниците од минатите средби, спорни поради употребата на придавката македонски.