Бизнис
19. August 2015 - 16:50

Многу идеи станаа рентабилни бизниси со програмите за самовработување

Околу 350 невработени лица започнаа со работа во сопствена фирма со помош на парите од грантовите за самовработување.  Уште 150 со неповратните средства во износ од 3250 евра  ќе започнат со работа најдоцна до септември. Директорот на Агенцијата за вработување Поповски информираше дека во тек е и вториот дел од програмата односно самовработувањето со кредити кои државата ги нуди под поволни услови.

Поповски посочи дека вториот бран на мерки за вработување кој започна во февруари веќе дава резултати. Се зголемува бројот на практиканти кои фирмите ги ангажираат. Најголем интерес покажуваат банките кои ангажираат правници и економисти по што следуваат фирмите од услужниот и производствениот сектор кои исто така имаат потреба од практиканти.

Според евиденцијата на агенцијата, од почетокот на годината приватниот сектор отворил 15 илјади работни места.

За оперативниот план на Владата за намалување на невработеноста во 2015 година, предвидени се 10 милиони евра буџетски пари. Преку различни проекти, меѓу нив и грантовите и кредитите за самовработување, очекувањата се да бидат вработени над 8200 лица.Инаку, ЕУ денес донираше 10 нови возила на Агенцијата за вработување.