Македонија
3. March 2024 - 19:40

Младите од руралните средини немаат доволно информации за можноста за вработување

Над 70% од младите во руралните средини не се доволно информирани и не ги користат мерките и поволностите за вработување кои што ги нуди државата или пак бизнис секторот. Токму поради оваа неповолна ситуација НВО Станица П.Е.Т. од Прилеп во Општина Долнени организираше „Отворен ден за афирмирање на активни мерки и постоечки можности за поддршка на социјално и бизнис претприемништво“. Главната цел на проектот е да се задржат младите дома, да ги користат сите можности за вработување кои им се нудат.

„Со овој проект ги оспособивме и едуциравме младите за да бидат подготвени за да се вклучат на пазарот на труд, а претходно им овозможивме преку едукативен караван да се запознаат со успешни модели и приказни на бизнис заедницата и социјалното претприемништво“, истакна Џенгис Бериша, НВО СТАНИЦА П.Е.Т.

За стопирање на иселувањето потребно е вмрежување на сите сегменти и чинители во општеството кои се поврзани со младите, образовниот сектор, државата и стопанството.

„Младите треба да размислуваат за социјлното претприемништво како еден од моделите во кои што можат да се развиваат самите, да отвораат свои бизниси, да напредуваат, но секако тука е потребно да се вклучат и образовните институции, кои треба да дадат поддршка на младите уште во текот на образовниот процес, но и другите институции, како што се Агенцијата за вработување, Владата, кои треба постојано да креираат мерки за вработување на младите, да им помагаат да отвораат свои бизниси и секако правилно да ги насочуваат да избираат на пазарот на труд“, кажа Маја Петанческа, менаџер во социјално претпријатие „КЛУБ ПЕТ“.

И младите во Долнени признаваат дека во иднина потребни се повеќе вакви настани каде тие ќе се информираат за своите идни вработувања и нема да размислуваат да заминат во странство.

„Во нашата Општина треба да има повеќе вакви активности, за да се запознаат младите со можностите за вработување, бидејќи не сме многу запознати со тоа, младите заминуваат во странство“, додаде Беџехудин Сулејмани, жител на с. Црнилиште.

Целта на целиот проект „Социо-економско јакнење на младите од Општина Долнени“ е во иднина ваквите настани да ги организира самата Општина која ќе ги воспостави конекциите помеѓу младите и бизнис секторот.