Кошарка
25. October 2017 - 15:37

МКФ најавува казни за клубовите „профитери“

 
 

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска се огласи со соопштение до јавноста, повод се позачестените поплаки од страна на родителите чии деца сакаат да играат кошарка, а „клубовите“ тоа го гледаат како начин на заработка. 

Години наназад во младинските категории, клубовите и приватните школи, наместо посериозно да се зафатат со работа, повеќе размислуваат колку деца да соберат, а со тоа да заработат. 

Една од главните причини за реакцијата на МКФ се обидите на одредени клубови парите кои се должни тие (клубовите) да ги платат како котизација за играње во натпреварувањата на МКФ наместо од свој џеб да ги наплаќаат како дополнителна давачка од своите кошаркари. 

Затоа од МКФ денеска со став, дека ќе следат казни за ваквата злоупотреба. 

Во продолжение соопштението на МКФ
 
„Македонската кошаркарска федерација сака повторно да ја сподели информацијата пред сè со родителите на младите кошаркари и кошаркарки во врска со плаќање на котизациите за учество во младинските лиги.
 
Со овој допис, сакаме да ја информираме сета јавност во Република Македонија дека котизацијата која се плаќа за учество во една лига е трошок кој паѓа на грбот на клубот, а не на неговите членови односно играчи како и нивните родители.
 
Кошарката е спорт кој треба да биде достапен за сите деца подеднакво, а не луксуз на поединци. Клубовите треба да овозможуваат да секое дете кое има желба активно да тренира и да напредува во овој спорт, а не финансиите да бидат примарни во селекцијата на играчите по клубовите односно школите.
 
Сакаме да апелираме до сите родители кои се злоупотребувани од страна на клубовите, да се охрабрат и да ја споделат секоја информација до МКФ и доколку се утврди дека биле доведени во заблуда и од нив се побарува да уплаќаат дополнителни средства за котизација клубовите ќе подлежат на соодветни санкции“.