МИОА: Регистарот за вработените во јавниот сектор не ја рефлектира реалната слика
Неактивни систематизации, невнесени договори за вработување, недостиг и неажурирани податоци за вработените во јавниот сектор утврдило Министерството за информатичко општество и адиминистрација (МИОА) при поединечна проверка на сите 1302 институции што постојат во Македонија. Поради немање реална слика за вработените во јавниот сектор, МИОА до ДИК доставило податоци добиени со вкрстување на бази од повеќе институции.
Министерот Дамјан Манчевски денеска на прес-конференција рече дека се соочиле со многу поголем проблем од она што го очекувале зашто при проверката е утврдено дека 197 институции воопшто не побарале од МИОА согласност за систематизација и за нив Министерството нема никакви податоци, а 150 институции иако имале одобрено систематизација од МИОА, тие не се активни односно никогаш немаат внесено податоци.
- МИОА нема Регистар што ги содржи информациите за сите вработени во јавната администрација. Иако за регистарот се одвоени 2 милиона евра за период од пет години (2014-2018), тој не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени. Поради овие недостатоци, МИОА до Државната изборна комисија вчера достави податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е предвидена со закон. Податоците се добиени како резултат на вкрстување бази на податоци од повеќе институции. Податоците доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика, истакна Манчевски.
Додаде дека поради тоа МИОА не може да гарантира за целосна веродостојност на податоците, но сметаат, како што рече, дека тие ќе одговораат на потребите на ДИК за спроведување на локалните избори.
Проблемот во Регистарот се рефлектира и на Годишниот извештај на вработени во јавниот сектор. - И покрај тоа што со законот за вработени во јавниот сектор е предвидено извештајот да се подготвува врз база на податоците единствено од Регистарот, тоа во пракса не се спроведувало, истакна Манчевски на прес-конференција во Владата.
Како резултат на непотполниот Регистар, Годишниот извештај за 2016 година е подготвен врз основа на податоците од повеќе државни институции, како Централниот регистар, Агенцијата за вработување, фондовите за здравствено и за пензиско осигурување и Министерството за финансии. Манчевски нагласи дека МИОА работи на надминување на овој проблем со цел што поскоро да се добие функционален регистар за вработените во јавниот сектор.
За спорните околу 350 институции - 197 кои немале систематизации и 150 кои не ги активирале, Манчевски рече дека се работи за непочитување на законот од страна на нивните раководства.
- Колективна е одговорноста и на многу места е лоцирана. Не можеме да кажеме дека се работи цврсто и единствено за проблем на претходно раководство во Министерството. Ситемот од технички аспект е функционален, но факт е дека јавноста била доведена во заблуда со објавениот број на вработени во јавниот сектор до којшто не е стасано на законски начин, рече министерот.
Меѓу овие институции има јавни претпријатија на локално, и на централно ниво. Ги посочи како пример ЈП Водовод-Скопје и други скопски јавни претпријатија, но и Народната банка на Република Македонија.
Проверката на вкупно 1302-те институции покажала дека останатите 918 имаат одобрена систематизација и имаат внесувано податоци. Сепак, додаде Манчевски, има сериозни индиции дека и кај овие институции голем број податоци не се уредно пополнети. Триесет и седум институции, пак, во кои спаѓаат и судовите, имаат активна систематизација иако според закон не им е потребна согласност од ова Министерство.
На новинарско прашање во врска со Рамковниот договор чија годишнина се одбележува денеска, Манчевски одговори дека работат активно на спровдување на Договорот.
- Со последните предложени измени на Законот за употреба на јазиците, поголем дел од обврските веќе ги финишираме. Во наредниот период ќе се произнесеме доколку постојат и други прашања. Работиме активно за конечно да се испочитува Охридскиот рамковен договор, рече министерот Манчевски.
Ново на Сител
-
Пад на индустриското производство од 7,9% во септември
-
Тема на денот со Благој Бочварски, СДСМ
-
Први пратенички прашања за Мицкоски, Филипче му побара оставка
-
Реакции по извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија
-
Екс министерката Костадиновска заработи кривична пријава за Универзална
-
Се уште нема никаква одговорност за смртта на 14 месечното бебе од Гошинце
-
АХВ: Потврден случај на птичји грип кај угината гуска во Злокуќани
-
Побарано да се забрани внес на нови животни во скопската зоолошка