Министерот за надворешни работи Димитров во официјална посета на Грцијa
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, јави дописникот на МИА.
По тет-а-тет средбата, ќе следува состанок во проширен состав, по што двајцата министри ќе одржат прес-конференција. По изјавите за медиумите, Коѕиас ќе организира работен ручек во чест на неговиот македонски колега.
Министерот Димитров попладне ќе се сретне и со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а потоа и со Јоргос Кумуцакос кој е одговорен за надворешна политика во најголемата опозициска партија Нова демократија.
Коѕиас вчера во Атина имаше средба со министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, по која одговарајќи на новинарско прашање изјави дека очекува средбата со Димитров да биде добра и креативна.
- Мислам дека, пред се, тоа е состанок за запознавање. Второ, тоа е средба за да размениме мислења за развојот на настаните во односите меѓу двете држави во последно време, и како ќе се движиме напред. Имаме некои нови размислувања и предлози кои ќе ги утврдиме во врска со мерките за градење доверба меѓу двете држави, истакна Коѕиас.
Тој рече дека грчката страна ќе покаже и уште еднаш ќе потврди дека она што е прво за Грција е стабилноста и безбедноста на регионот и на нашата земја. Коѕиас истакна дека не верува оти со Димитров ќе разговараат за името, затоа што тоа ќе биде состанок за запознавање на кој најверојатно ќе дискутираат за методот за продолжување на разговорите за односите меѓу двете земји.
- Никола Димитров има исто име со претходниот министер за надворешни работи во Скопје, како и со мене - знаете, во ПЈРМ најчесто име е „Никос“, кој за нас е заштитник на морињата. Мислам дека тој е искусен човек, тој учествувал во преговори со други влади, тој е дипломат, кој се надевам и сигурен сум дека ќе го искористи потенцијалот за барање решенија, изјави шефот на грчката дипломатија.
Тој повтори дека во меѓународните односи, држава, особено во нашиот регион, треба да покаже способност за усвојување на култура на компромис и консензус.
- Јас често им истакнувам на моите пријатели, на нашите партнери во меѓународните организации, дека начинот на кој тие се однесуваат кон оваа земја ја научи, во голема мера, да не прави компромиси и да нема политичка култура на консензус. Како што знаете, ги предупредив пред две и пол години, кога станав министер, дека тоа, исто така, ќе се префрли на домашната политичка сцена, рече Коѕиас.
Тој информира дека пораката што ја добил од разговорите што ги имал лично со премиерот Заев, од разговорот меѓу двајцата премиери Заев и Ципрас, и од неговите телефонски разговори со Никола Димитров, „е дека тие покажуваат позитивен став и намера да завршат со иредентизмот“.
- И никој нема да биде позадоволен и посреќен од мене, ако завршиме со оваа цела приказна, која, како што често велам, историјата ја претвора од училиште во затвор, истакна Коѕиас осврнувајќи се на денешната средба со Димитров.
Ново на Сител
-
Fast Food 7 - принцип за постојан квалитет | Билјана З. Попова | Бизнис приказни | Sitel Podcast 030
-
Пронајдена неексплодирана експлозивна направа во Битола
-
Разбојникот кој ограби казино со автоматско пушка е полицаец
-
Демири: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурена, менаџментот треба да преземе одговорност
-
До 30 април на полноќ пријавување на болните и изнемоштените за гласање на изборите на 8 мај
-
Гевгеличанка лажела дека е царински застапник и измамила Грк за 2.000 евра
-
Тошковски: Поддршка до специјалните единици бидејќи тие се првиот столб на заштитата на безбедноста и суверенитетот на државата
-
Пет клучни донатори вложија повеќе од 50 милиони долари во претседателската кампања на Трамп