Македонија
6. August 2017 - 15:51

Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата очекува најмногу гласови на изборите

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска соопшти дека е целосно подготвена за настап на локалните избори каде што очекуваат со програма и кадровска понуда да освојат најголем број гласови.

- Очекуваме да освоиме најголем број советници во споредба со другите политички партии и најголем број градоначалници споредбено со другите политички коалиции. Исто така очекуваме нашиот тим кој што е создаден од Извршниот Комитет секојдневно и навремено да си ја исполни својата задача за подготовка на програмата за настап на изборите на државно ниво и подготовка на сите програми на локално ниво согласно општинските специфики кои што ги работиме заедно со потребите на граѓаните кои ги среќаваме на терен и заедно со стручни лица од повеќе области кои се важни за секоја локална самоуправа, изјави денеска на прес-конференција Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, локалните избори на 15 октомври нема да бидат обични локални избори. - Многу прашања не добија одговор  од актуелната власт на Заев, Ахмети и Села. Прашањето за двојазична Македонија не беше ветено пред изборите, а денес е товар на незадоволството и достоинството на македонските граѓани. За тоа прашање исто така граѓаните ќе можат да го дадат своето мислење на 15 октомври, рече Милошоски.

Тој додаде дека на изборите граѓаните треба да го дадат своето мислење за македонско - бугарскиот договор, за, како што рече, неспособноста да се излезе во пресрет на потребата на гасење пожари и депонии, неспособноста да се исполни ветувањето за 100.000 денари лекарска плата, неспособноста и молчењето да се обезбедат 500 евра за просечна плата како големо изборно ветување и не давањето одговори на прашањето зошто е направена стратегија Македонија да стане земја на бегалци и мигранти за кои ќе се плаќа од нашиот буџет наместо да им се помага на нашите граѓани.

- Сите овие прашања и дилеми ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните и секој наш државјанин ќе можат да ги одговорат на 15-ти октомври и да го дадат своето мислење затоа што нивната оценка и нивниот глас е поважен од секое нереализирано ветување или од секоја постизборна измама на господинот Заев, рече Милошоски. 

На прес-конференцијата повторно се осврна на членот 8 од Македонско - бугарскиот договор за добрососедство кој утврдува дека во рок од 3 месеци од влегувањето во сила на договорот, договорните страни ќе формираат заедничка експертска историско образовна комисија.

- Сметаме дека оваа мешовита историско образовна комисија наместо да расправа за работи за иднината и добрите односи и перспективи кои што Македонија и Бугарија треба да ги имаат, ќе разговара за минатото. И минатото ќе го преточува во дневно политички проблеми, рече Милошоски.