Мицотакис: Време е Европа да воведе плафон на цените на природниот гас
Не можеме да си дозволиме да седиме и да гледаме како Русија ги користи нашите пазарни институции против нас, чин на здрав разум и суверенитет е да се вклучиме и да испланираме правила кои ќе одговорат на невидениот предизвик со кој се соочуваме. Воведувањето ограничување на цените на природниот гас е неизбежен чекор во тој процес, пишува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата колумна за „Блумберг“, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис го повторува и го објаснува неговиот предлог за воведување плафон на цените на природниот гас и вели дека време е Европа да го стори тоа, „треба да ја врати контролата врз својот пазар на гас“, а 15 земји- членки веќе ја поддржаа идејата. Посочува дека Русија ја користи енергијата како оружје, а „нејзината јасна цел е да ги дестабилизира нашите општества“. -Во нормални времиња, владите мора да дозволат пазарите да работат. Но, ова не се нормални времиња. Русија ги крши договорите и намерно го ограничува снабдувањето. Кога еден играч може да ги поместува цените, нема смисла „да ги оставиме пазарите да функционираат“.
Владите би требало да ги структурираат и контролираат пазарите. Соочени со јасна пазарна манипулација, владината интервенција не е само оправдана, туку и потребна, пишува Мицотакис. Објаснува дека во првиот квартал од 2022 година, според официјалните проценки, Европската унија платила дополнителни 62 милијарди евра за увоз на гас во однос на претходната година, а крајната пресметка за годинава „ќе биде стотици милијарди, трилиони, ако се вклучат негативните ефекти на пазарот на електрична енергија и економијата во целина“ и додава дека во меѓувреме, суфицитот на Русија тројно се зголеми на над 180 милијарди долари до август 2022 година. За предлогот за воведување плафон посочува дека треба да се однесува на целиот гас, „а не само на малите количини што сè уште доаѓаат од Русија“.
-Плафонот треба да биде доволно висок за да делува како автоматски прекинувач, но и да дозволи продолжување на пазарната активност на разумни нивоа. На ум имам конкретен плафон, но таа бројка е предмет на доверливи преговори со земјите- членки, кои сакам да ги почитувам и затоа нема да ја откријам овде. Сепак, со доволно високи цени, добавувачите сè уште ќе го испраќаат својот гас во Европа, а потрошувачите сè уште ќе имаат причина да ја намалат нивната побарувачка.
Плафонот треба да биде нагорна граница за тоа колку високо може да стигнат цените, а не вештачки ниска бројка што ќе ги дестабилизира пазарите, објасни грчкиот премиер во неговата колумна.
Ново на Сител
-
Бискупот Стојанов упати Велигденска честитка до Архиепископот г.г. Стефан и верниците
-
Пронајдено тело на починат маж во Вардар во Велес
-
Благодатниот оган и оваа година од Ерусалим ќе пристигне во Грција
-
Зеленски: Русија во април употреби 300 ракети, 300 дронови и 3.200 касетни бомби во нападите врз Украина
-
ДСЗИ најави забрана на Клиниката за токсикологија за здравствени работници без договори за вработување
-
Во рамки на акцијата „Темпули“ полицијата во Тирана уапси 20 лица и заплени кокаин, хероин и канабис
-
Приведени 14 државјани на Србија кои измамиле германски државјани за милион евра
-
Зголемен бројот на работници во индустријата