Мицкоски: Успехот на една стратегија не се мери по бројот на страници што ги содржи, туку по бројот на животи што ќе ги подобри

Повеќе од кога било е потребно да имаме институции што нема да размислуваат само за следната година, туку и за наредните две децении. Токму затоа Националната развојна стратегија 2024 - 2044 година претставува еден од најважните документи што се создадени во поновата историја на државата.
Не затоа што е уште една стратегија усвоена од институциите, туку затоа што зад неа стои широк општествен консензус, сериозен експертски труд и искрена намера, конечно, да воспоставиме култура на долгорочно планирање и стратешко размислување - рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешниот петти состанок на Националната развојна стратегија.
Со години, посочи тој, Македонија беше исправена пред многубројни предизвици, кои честопати ја принудуваа политиката да размислува краткорочно.
-Наместо да разговараме каде сакаме да бидеме за дваесет години, често разговаравме како да го поминеме следниот месец. Наместо да се натпреваруваме со најуспешните европски држави, премногу енергија трошевме во решавање проблеми што одамна требаше да бидат затворени. Но, денес, имаме обврска да го смениме тој пристап. Имаме обврска да покажеме дека државата може да биде предвидлива, дека институциите може да работат врз основа на план, а не врз основа на импровизација, и дека развојот не смее да зависи од политичките циклуси, туку од јасно дефинирани национални цели за кои ќе постои широк општествен консензус - истакна Мицкоски.
Тој рече дека Националниот совет за развој токму затоа претставува една од најважните платформи што ги имаме денес и во него се среќаваат институциите, науката, локалната самоуправа, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор.
Според него, тоа е место каде што перспективите кои се разликуваат не се гледаат како пречка, туку како предност, место каде што се создаваат политики што имаат потенцијал да траат подолго од еден мандат и подолго од една влада. Тој ја нагласи работата на работниот комитет и на сите оние што во изминатиот период вложија знаење, енергија и време за да ги преточат стратешките цели во конкретни предлози, мерки и политики.
-Зад бројките што денес ги гледаме стојат стотици експерти, претставници на институции, компании, универзитети и организации, кои покажаа дека кога постои заедничка цел, тогаш може да се создадат решенија што имаат вистинска вредност за државата. Фактот дека повеќе од 1.200 претставници на разни засегнати страни активно учествувале во работата на комитетите, дека се идентификувани десетици конкретни мерки и дека голем дел од нив веќе се реализира, претставува доказ дека ова не е процес што останува затворен во институционалните ходници, туку процес што создава реални ефекти и реални политики. Ова е особено важно затоа што граѓаните одамна не бараат нови стратегии и нови ветувања. Граѓаните бараат резултати. Бараат подобри работни места, повисоки приходи, поквалитетно образование, подобро здравство, модерна инфраструктура и институции што ќе бидат ефикасни и праведни - рече Мицкоски.
Потенцира дека успехот на една стратегија не се мери по бројот на нејзините страници, туку по бројот на животи што ќе ги подобри.
-За мене, најважното прашање не е колку документи ќе усвоиме, туку колку млади луѓе ќе одлучат да ја градат својата иднина тука. Не е колку анализи ќе подготвиме, туку колку нови компании ќе отворат свои капацитети, колку нови работни места ќе создадеме и колку силна и конкурентна економија ќе изградиме. Денес кога зборуваме за развој, не зборуваме само за економски показатели. Зборуваме за доверба. Зборуваме за чувство кај граѓаните дека државата има правец, дека постои план и дека институциите знаат каде се движат. Зборуваме за создавање држава во која млад човек нема да мора да бара подобра иднина на друго место затоа што ќе може да ја препознае овде. Држава во која успехот ќе биде резултат на знаење, труд и посветеност, а не на привилегии и врски. Држава во која развојот нема да биде привилегија на неколку урбани центри, туку можност достапна за секој граѓанин, без разлика каде живее - истакна Мицкоски.
Посочи дека затоа особено внимание посветуваат на инвестициите, иновациите, дигиталната трансформација и развојот на човечкиот капитал не затоа што тоа се модерни термини што добро звучат во стратешките документи, туку затоа што токму тие ќе ја одредат конкурентноста на државата во следните две децении.
-Во таа насока особено значајни се активностите поврзани со мапата за инвестирање, која веќе покажува конкретни резултати преку поврзување на институциите, домашните компании и меѓународните инвеститори. Денес, повеќе од кога било е важно Македонија да биде препознаена како држава што не нуди само поволна географска положба, туку и стабилност, предвидливост, квалификувана работна сила и јасна развојна визија - дециден е Мицкоски.
Нагласи дека една од најважните теми за која мора да се разговара е токму демографијата бидејќи, како што рече, демографската политика не е само прашање на статистика, туку е прашање на национална одржливост и иднина на државата.
-Една од најважните теми за која мораме отворено да зборуваме е демографијата затоа што ниедна економска стратегија, ниедна инфраструктурна инвестиција и ниедна политичка реформа нема да имаат целосна смисла доколку не успееме да создадеме услови нашите млади луѓе да останат тука, да создаваат семејства тука и да веруваат дека нивните деца ќе имаат подобра иднина од онаа што тие ја имаат. Демографската политика не е само прашање на статистика. Таа е прашање на национална одржливост. Таа е прашање на иднината на државата. Токму затоа секоја економска мерка, секоја инвестиција, секоја реформа во образованието, здравството или локалниот развој, на крајот треба да има една заедничка цел - создавање подобар и поквалитетен живот за граѓаните - рече Мицкоски.
Тој смета дека годишниот извештај за спроведување на Националната развојна стратегија не е извештај за завршена работа, туку почеток на еден процес што ќе трае со години и кој ќе бара посветеност, континуитет и политичка зрелост.
-Денешниот годишен извештај за спроведување на Националната развојна стратегија не е извештај за завршена работа. Тој е извештај за почеток на еден процес што ќе трае со години и кој ќе бара посветеност, континуитет и политичка зрелост. Но, истовремено, тој е доказ дека државата, конечно, почнува да функционира врз основа на јасна визија, мерливи цели и конкретни резултати. Убеден сум дека доколку продолжиме по овој пат, доколку останеме посветени на реформите, на економскиот развој, на знаењето, на инвестициите и на модернизацијата на институциите, тогаш 2044 година нема да биде само бројка во една стратегија, туку година во која ќе можеме со гордост да кажеме дека сме изградиле посилна, побогата, поправедна и поуспешна Македонија. Македонија, која ќе биде држава на можности. Македонија, која ќе биде дом на амбициозните и способните. Македонија, која нема да ја чека иднината, туку ќе ја создава - заклучи Мицкоски.
МИА
Ново на Сител
-

Уапсен поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски
-

Мицкоски: Mинистрите што се уморни чесно е да си одат
-

Филипче: Нема да бидеме алиби за предвремени избори
-

Мицкоски најавува европски „маратон“, Филипче обвинува за демагогија и бегање од преговорите
-

Стартува национална иницијатива за намалување на семејното и врсничкото насилство
-

Тошковски: Построги казни и зголемување на старосната граница за возење тротинет
-

EСМ в година ќе покрива 70% од потребите за домаќинствата – Ќе плаќаме ли поскапа струја?
-

Николоски најави брза пруга до Солун
