Македонија
6. јуни 2026 - 16:31

Мицкоски оптимист по средбите со Мерц и Макрон

Премиерот е оптимист по средбите со Макрон и Мерц во Тиват но не сакаше да зборува дали од нив ги добил потребните гаранции кои би ги деблокирале интеграциите

„Мојот оптимизам се темели на тоа што јас бев единствениот од земјите од Западен Балкан кој имаше билатерални состаноци и со францускиот претседател Макрон и со германскиот канцелар Мерц. Точно знам што се зборуваше на тие состаноци и точно знам што ќе следи во периодот што е пред нас. Инаку, да, точно, вие сте во право дека дел од планот подразбира и завршување и затворање на одредени кластери. Тоа значи почеток на преговори. На самите состаноци ја пренесов целата политика и сето она за кое зборуваме изминатиов период. Од страна на соговорниците добив одговори на некои од дилемите и кога ќе го имаме сето ова предвид, оттаму доаѓа мојот оптимизам и инспирација. Инаку, не е точна тезата дека се потребни измени на договори.“

За новиот план за постепено проширување, Премиерот вели дека е добар начин за интензивирање на соработката со Брисел, без при тоа да има негативно влијание на процесот интеграција.

„Тоа што посебно радува е што процесот на проширување не е, би рекол, завршен, туку дека тој постои. Она што го слушнав и од францускиот претседател и од германскиот канцелар, а и таму во работниот дел од самитот, можев да заклучам дека документот што тие го имаат подготвено, така да кажеме, нон-пејперот, практично ќе биде нешто за кое подоцна во текот на денот разбрав дека институциите во Брисел веќе добиле инструкции за негова операционализација и претставува едно значајно подигнување на нивото на односи помеѓу Западниот Балкан и Европската Унија. Односно, тој документ и таа реформа овозможуваат механизам со кој ќе имаме поголемо користење на одредени алатки од страна на земјите на Западен Балкан.“

Мицкоски вели дека Макрон изразил посебен интерес за процесот на интеграција додавајќи дека во периодот кој следи може да се очекува интензивирање на овој процес. Ги повтори државните позиции за процесот на уставни измени изразувајќи подготвеност за разговори во секое време.