Македонија
10. October 2022 - 13:39

Мицкоски: Не го знам претседателот на бугарското здружение, еднаш се сретнавме и ми даде книга, му ја вратив

– Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека само еднаш случајно се сретнал со претседателот на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ и оти не го познавал. Мицкоски е сликан со претседателот на охридското здружение, а фотографијата е објавена во јавноста.

-Не, не го познавам момчето. Гледам некоја слика се појавува таму. Мислам дека точно знам кога и како е тоа сликано. Тоа беше при една моја посета, станува збор за Бигорскиот манастир каде што овие беа таму и како групација ми да дадоа една книга која што им ја вратив. Не ја примив. Тоа е тоа. Единствената моја средба во животот е тогаш со ова момче, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Ставот во врска со отворањето на бугарскиот клуб во Охрид рече дека го кажал во четвртокот, ден пред отворањето, оценувајќи го како голема провокација и како резултат на „поданичките и предавнички политики од страна на оваа Влада на СДСМ“.

-Ако тие од другата страна очекуваа дека ќе добијат дебел црвен персиски килим и ќе добија поддршка и помош ако се согласат да отпочнат асимилација на сопствемиот македонски народ тогаш еве им пример како нивната политика резултираше односно зошто не треба нивната политика да се поддржува, а тоа е отворањето на ова здружение со име на фашист во случајов Цар Борис Трети, кој што бил докажан фашистички партнер поразен во Втората светска војна а Бугарија тогаш потпишала капитуалција, рече Мицкоски.

Македонија и македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, како и секогаш ќе бидат на вистинската страна на историјата а тоа е на страната на антифашистичката борба и на страната на народот во Македонија.

-Така сме биле така и ќе продолжиме да бидеме. Поднесовме закон во Парламентот, очекуваме од Владата да се произнесе по законот, да го прифати и да даде свои забелешки на истиот и да го усвоиме, со што на вакви егзибиционисти што душата си ја продале за левови ќе им ставиме крај и нема никогаш повеќе да го провоцираат напатениот македонски народ, рече Мицкоски.