Мицкоски го покани Радев да ја посети земјава

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарски прашања, го покани бугарскиот премиер Румен Радев да ја посети земјава.
Мицкоски, по свеченото отворање на првата сезона од „Плазма - Спортските игри за млади“ на плоштадот Македонија во Скопје, одговарајќи на новинарско прашања дали официјално ќе го покани Радев во посета на земјата на средба на премиерско ниво, одговори дека не гледа причина зошто не би го сторил тоа.
- Не гледам причина зошто да не го поканам. Ако ова е поканата вака, еве го поканувам - изјави Мицкоски.
За тоа дали очекува затегнување на односите откога денеска бугарското Народно собрание ја избра новата влада предводена од Радев, предложена од партијата Прогресивна Бугарија, Мицкоски нагласи дека тој не рекол оти очекува влошување, туку дека не очекува подобрување.
- Сè додека има котиња од СДСМ, кои коленичат и кои ги распродаваат македонските национални интереси, не очекувам подобрување, наместо да застанат со нас и да се борат за македонските национални интереси, овие котиња одлучија за жолтици да коленичат таму. Инаку, што се однесува до господинот Радев, кога победи, јас тоа утро му честитав, му се јавив да имаме успешни добрососедски односи и се надевам дека со оваа влада ќе можеме да ги подобриме меѓусоседските односи, ќе може да разговараме за темите за кои треба да разговараме - истакна Мицкоски.
На прашањето да даде коментар за вчерашната изјава на Бујар Османи во „Само интервју“ дека не треба да се дозволи да помине законот за правична застапеност во Собранието, дури и со употреба на физичка сила, Мицкоски рече дека овие закани ги разоткриваат вистинските намери.
- Заканите на Бујар Османи само покажуваат кои се вистинските намери. Тоа е закон што е одобрен од страна на Венециската комисија дека ги исполнува сите меѓународни услови. Инаку, за делот од содржината на неговата изјава, јас немам што да кажам, претпоставувам дека тоа е тој фолклор што ќе го слушаме во периодот што следува. Ние имаме меѓукоалициски договор, законот е испратен во Собранието и очекувам што побргу да се усвои - рече тој.
Во однос на промените на цените на нафтата на светските берзи и неговите очекувања за состојбата кај нас следната недела, Мицкоски рече дека денеска на крајот на денот ќе има повеќе информации и според она што гледа изминатите два-три дена, очекува в понеделник да имаме поевтинување.
МИА
Ново на Сител
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Џелал Незири, политички аналитичар
-

Петти смртен случај од западнонилска треска во Македонија
-

Активни најмалку 11 пожари, најкритично кај струмичките села Баница и Водоча
-

Најголемиот дел од опозициските партии прифаќаат предвремени парламентарни избори
-

Лефков: Вистинскиот виновник Филипче не седи до нас, рекоа обвинетите за пожарот во модуларната болница
-

СДСМ ќе предложи 3 мерки за подобрување на состојбата на лозарите
-

Цените на бакарот уриваат рекорди, соседите профитираат, а кај нас капацитетите остануваат под земја
