Македонија
23. September 2016 - 23:00

Ин мемориам: Почина протоѓакон Славе П. Пројковски, секретарот на Архиепископот Ангелариј

По кратко боледување, на 23 септември 2016 година на 70 години почина Протоѓакон Славе П. Пројковски.

Протоѓаконот Пројковски беше активен член на Македонската православна црква, долги години извршуваше значајни функции во животот на Црквата. Беше близок соработник и секретар на Архиепископот Ангелариј.

Протоѓакон Пројковски беше Секретар на Архиепископскиот Црковно-просветен Совет и главен и одговорен уредник на „Весник”, службениот лист на МПЦ.

Опелото на Протоѓакон Славе Пројковски ќе биде в црквата „Свети Петар и Павле“ во село Лисиче, а погребот на гробиштата во Село Лисиче во 12 часот.

Отец Славе Пројковски е роден 1946 година во село Живово, Мариово во работничко семејство. Основно образование завршува во Витолиште и Прилеп, а Богословија во Призрен и Белград. По дипломирањето на Богословскиот факултет и апсолвирањето на катедрата за Етнологија на Филозофскиот факултет, на барање на Светиот Синод доаѓа во Скопје и се става на располагање на МПЦ.

Во МПЦ е службеник во Управниот  одбор на Архиепископијата, а во 1974 САС на МПЦ го назначува за секретар на Архиепископскиот црковно-просветен Совет и Главен и одговорен уредник на Службениот Весник на МПЦ. Во времето на Архиепископот Ангелариј го води неговиот кабинет.

Едно време е и вонреден професор на Богословијата по предметите Апологетика и Догматика. Уште како студент учествува во подготовките на Богословијата и на Богословскиот факултет. Со митрополитот Гаврил го формира списанието за верска просвета, „Воскресение“. Еден од иницијаторите за воведување на веронаука во црквите во Скопје и автор на повеќе сценски проекти за јубилејни чествувања на МПЦ.

Соработува во издавачки проекти на Синодот и автор на повеќе преводи и редактор на бројни црковни публикации. Автор е на книгите „Човековото тело како пример на теологијата“ и „Така словеше Ангелариј’.