Македонија
15. April 2026 - 16:43

„Ме удираш по бубрези како што татко ти те удирал тебе“ – нови снимки од насилството на Стојанче Јовановски

Ме тепаш по бубрези, зошто сам ми имаш кажано дека татко ти мавал по бубрези кога бил полицаец, за да не се познава, плачејќи кажува починатата Ивана дури обвинетиот Јовановски ја снима со неговиот телефон. Снимката денеска беше приложена како доказ од страна на Обвинителството, дека на 10 февруари Јовановски пред да ја пријави Ивана за семејно насилство, ја снима со неговиот телефон дури таа плаче и покажува каде е тепана.

Јовановски во текот на целото видео се смее, a се смееше и во судницата.

Беа презентирани и други снимки со кои обвинителството ќе докажува дека обвинетиот ја тепал неговата сопруга, и ја загрозил сигурноста и ја навел да се самоубие.

Пред судот беше презентиран и видео запис токму од пред Кривичниот суд на денот на самоубиството на Ивана, кога Ивана пријавува насилство, а полицијата доаѓа во два наврати, прави записник и си оди.

Адвокатката на семејството на починатата Ивана, смета дека покрај максималната казна за обвинетиот Јовановски, правдата ќе биде задоволена и кога ќе одговараат полициските службеници кои не постапиле.

Обвинителството денеска во судница презентираше вештачење изработено од психолог и психијатар, кои како вешти лица констатирале јасна и непосредна причинско-последична поврзаност помеѓу долготрајното семејно насилство извршено од Стојанче Јовановски и психичката состојба на сега починатата Ивана.

Наредното рочиште е закажано во петок, кога свој исказ ќе даде Јовановски.