Ракомет
10. January 2024 - 20:16

Македонските ракометари поразени од Франција на отворањето на Европското првенство

Македонската машка ракометна репрезентација загуби вечерва во Дизелдорф од Франција со 39:29 на отворањето на 16. Европско првенство чиј домаќин до 28 јануари ќе биде Германија.

Пред рекордна бројка од над 53.000 навивачи на стадионот „Меркур Шпил Арена“, избраниците на селекторот Кирил Лазаров добро го отворија натпреварот против актуелниот олимписки првак и по девет минути игра дојдоа прв пат во водство од 6:5.

Предноста на македонските ракометари достигна највисоки 10:8 во 15 минута, што изнуди прв тајмаут во францускиот табор, по кој Триколорите влегоа во серија од 4:0 и го презедоа водството, а на полувреме заминаа со највисоки плус четири голови предност (17:13).

Искусните Французи во продолжението рутински го приведоа натпреварот кон стартна победа, не оставајќи им на македонските ракометари ниту најмал простор за изненадување против големиот фаворит.

Пикерот Жарко Пешевски беше најефикасен во македонските редови со седум голови, а голманот Никола Митревски запиша 10 одбрани.

Своето осмо учество на европските првенства македонските ракометари ќе го продолжат в недела против домаќинот Германија во рамки на второто коло во групата А.