Македонските фудбалери убедливо поразени од Турција, 360 минути без постигнат гол

Македонската фудбалска репрезентација загуби вчера во контролен натпревар против Турција во Истанбул со убедливи 4-0 (2-0) и ја продолжи серијата без победа на осум, а без постигнат гол на четири натпревари.
Почетниот состав на македонската репрезентација донесе пет измени од дуелот во петокот против БиХ со Деспотовски, Фетаи и Алиоски во одбраната, Елези во средниот ред и Омерагиќ во нападот, но избраниците на селекторот Гоце Седлоски и овој пат беа во подредена улога.
Турција, која се подготвува за претстојното Светско првенство, од самиот почеток на дуелот на исполнетиот стадион „Шукру Сарачоиглу“ тргна офанзивно и откако Узун ја погоди рамката на голот на Димитриевски во 13 секунда, Кокчу веќе во следниот напад го совлада македонскиот голман.
Првиот удар кон противничкиот гол го упати Атанасов во 15. минута, а по изведениот корнер Турција искористи грешка на Велковски на противничката половина и организираше контранапад што го реализираше Узун за водство од 2-0 во 16. минута.
Домашната репрезентација пропушти идеална шанса да ја зголеми предноста по половина час игра кога ударот на Акгун заврши сантиметри над голот на Димитриевски.
Завршницата на првото полувреме донесе по една шанса на двете страни, откако Алиоски во 45. минута од непосредна близина не успеа да го совлада турскиот голман, додека Ајдин биеше непрецизно на спротивната страна.
Второто полувреме, во кое Седлоски ги внесе на теренот Серафимов, Ристовски, Муслиу, Манев, Емини и Чурлинов, почна како и првото, со целосна офанзива на Турците и откако Димитриевски го одбрани обидот на Ајдин во 48. минута, беше немоќен да спречи водство на домаќините од 3-0 во 53. минута кога беше совладан од Ѓул.
Демирал во 65. минути не искористи идеална шанса да го зголеми впдството на Турција кога од само пет метри биеше над голот, но само пет минути подоцна тоа му успеа на Јилмаз.
Турција до крајот на натпреварот имаше уште неколку шанси, но сигурен на голот беше Талески, кој заедно со Додев дебитираа во завршните 30 минути во националниот дрес.
Гостинските натпревари против Турција и БиХ беа последна подготовка за македонските фудбалери пред есенските настапи во Б дивизијата во Лигата на нации во групата со Швајцарија, Шкотска и Словенија.
МИА
Ново на Сител
-

Андоновски: Со „Везилка“ уште ова лето ќе се видат првите резултати од заштитата на македонскиот јазик во дигиталниот простор
-

Де ла Фуенте: Оваа Шпанија прима малку голови и знае како да постигне гол
-

Општина Касандра на Халкидики со известување и на македонски јазик дека ќе ги отстранува незаконските поставените предмети од плажите
-

Андоновски: Темелите се поставени, продолжуваме со дигитализацијата и унапредувањето на услугите
-

Иран ги осуди американските напади врз јужниот брег и го обвини Вашингтон за кршење на мировниот договор
-

Тошковски: Македонија има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години
-

СП 2026: Познати 22 од 32 учесника во плејофот
-

Јута прогласи вонредна состојба поради шумските пожари и воведе ограничувања за огномети | ВИДЕО
