Џет-Сет
8. October 2016 - 20:24

Mакедонска фолкерка измамена од најблиските: Братучетка ми заби нож во грб

Фолкерката Елена Јовчевска деновиве е во центарот на вниманието откако против туристичката агенција каде што била вработена е поднесена кривична пријава за злоупотреба на клиенти и измама, пишува „Вечер“.

Имено, агенцијата, која инаку била во сопственост на нејзина прва братучетка од Прилеп, кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година континуирано до месец август, отпочнала со вршење на услуги при што со лажно прикажување дека е овластена да продава промотивни авиокарти по цени далеку поевтини отколку реалните, без да ги поседува потребните дозволи – сертификати за организирање на авиопревоз – ИАТА сертификат, и без да склучува какви било договори за соработка со авиопревозници, примала парични средства од граѓани кои ги уплаќале на жиро-сметката на фирмата.

На ваков начин нечесната братучетка на Елена оштетила петнаесетина субјекти од кои едно е правно, а останатите се физички лица и притоа се стекнала со противправна имотна корист од 1.613.446 денари.

Јовческа вели дека е шокирана од целиот настан и се уште не може да сфати како блиска роднина можела да и наштети до таа мера, водена од алчност и желба за брза и нечесна заработка. Таа веќе поднела тужба против осомничената прилепчанка.

– Приказната е многу долга и МВР веќе работи на целиот случај. Бев вмешана во нечесни игри, но, исто така, сум и многу оштетена од мојата блиска роднина. Затоа само ќе кажам, Господ да не чува од роднините и од лажните пријатели, тие во кои многу веруваме, најдобро знаат да ни забодат нож во грб. Преку мојот професионален ангажман во дијаспората од страна на моја роднина која работи со туристичка агенција бев замолена околу мое заземање за промоција на агенцијата во дијаспората. По извесно време ми беше понудено да бидам и пријавена како агент во агенцијата и без размислување прифатив. Намерите и причините за да бидам ангажирана од страна на управителот на туристичката агенција ги дознав подоцна, откако моите родители и лично јас не добивме билети за кои имавме извршено уплата, а потоа и поради фактот што мои пријатели од странство ме известија дека не ја добиле услугата за која платиле. Веднаш побарав да видам што се случува со сметката на агенцијата и откако видов дека станува збор за измама случајот го пријавив во полиција. До денес сите оние кои ми пристапуваат како оштетени ги упатувам во Основното јавно обвинителство во Прилеп каде е заведена постапка по кривична пријава од МВР против управителката на агенцијата –  вели фолкерката за „Вечер“ и додава дека поради ова претрпела непроценлива штета во однос на кариерата.

– Штетата која ја трпам јас е непроценлива, пред се, поради мојот професионален ангажман преку кој ја градам сопствената кариера на музичката естрада која на ваков начин ми е нарушена, а потоа и поради материјалната штета која лично мене и на моето семејство, како и на пријателите им е причинета од таквото работење на агенцијата. Во постапката која следува јас и сите оние кои се оштетени ќе бараме утврдување на одговорност и надомест на штетата која на сите ни е причинета – заврши Јовчевска, која веќе има договорено неколку настапи во Австралија, а за Нова година ќе ги забавува нашинците во Мелбурн.