Македонија го одбележува Светскиот ден на водите

Со повеќе активности денеска во Македонија ќе биде одбележан Светскиот ден на водите, 22 Март.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) организира конференција на тема „Водата и отпадните води“, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предвидува атрактивно нуркање во водите на езерото Матка од страна на членови на Нуркачкото друштво „Врело“ и хидрометриски мерења на реката Треска, додека Институтот за јавно здравје на РМ најавува Саем на вода пред Домот на АРМ.
На конференцијата „Водата и отпадните води“ ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на РМ Димитар Петров.
Главна цел на настанот е зголемување на свеста за важноста на одржливиот начин на искористување на водата како скапоцен ресурс, намалување на употребата и повторна употреба на отпадните води, како и подобрување на животниот циклус на водата за секое живо суштество.
Конференцијата е дел од реформите во секторот за вода што ќе се спроведуваат следните години, а агендата предвидува панел-дискусија и мотивациски говори на тема „H2O Зошто се грижиме" од страна на Даниел Кајмаковски и Агнеса Чаволи.
Хидрометриските мерења на Треска што ги организира УХМР по повод Светскиот ден на водите, 22 Март, но и по повод Светскиот метеоролошки ден, 23 Март, ќе се извршат на хидролошката станица Св. Богородица. Првпат ќе се примени најсовремениот инструмент, т.н. Акустичен доплеров мерач на проток дониран од УНДП, но ќе се изведе и класично мерење со прегазување на реката. Атрактивното нуркање, пак, ќе биде кај црквата Св. Андреа. Нуркачите од друштвото „Врело“ ќе извлекуваат потоната платформа.
Во рамки на Саемот на вода во центарот на Скопје, граѓаните ќе добијат промотивен материјал со информации за значењето и влијанието на безбедната вода за пиење врз здравјето на населението и превенција од болести. Според Институтот за јавно здравје, достапни ќе бидат и одговорите од анкетата на www.iph.mk за тоа колку и од каде најчесто се информираме за поврзаноста на водата со здравјето.
Мото на годинашниот Светски ден на водите се отпадните води, а целта е генерално да се влијае на свеста да не се загадуваат површинските и подземните води со разни фекалии преку индустрискиот процес, да се пречистуваат ако се веќе загадени со што се спречува можноста за евентуално наводнување на земјоделските култури, да се спречи дистрибуција на загадени води до сите корисници и заради штедење на водата и зачувување на водените ресурси.
Ново на Сител
-

Изборот на Ненад Савески за нов државен јавен обвинител утре на собраниска седница
-

Македонски државјанин уапсен во Грција - со мотоцикл возел со брзина од 223 километри на час
-

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“ со нови сведоци на Обвинителството
-

Уште една група македонски граѓани денеска треба да бидат евакуирани од Блискиот Исток
-

Трамп: Мислам дека со Куба можам да правам што сакам
-

Македонските граѓани се повеќе ги користат услугите на е-влада, но се уште сме далеку под просекот во ЕУ
-

Четиристотини загинати во ракетен напад врз болница во Кабул
-

Кошта: ЕУ треба да биде подготвена да разговара со Русија
