Македонија
29. April 2024 - 16:37

Македонци осудени на 5 години затвор во Грција - пренесувале 599 лажни бланко документи

Со 599 лажни бланко лични карти, возачки и дозволи за престој скриени во јакна сакале да преминат на грчка територија - Двајца македонски државјани на возраст од 26 и 43 години се уапсени и експресно осудени на 5 години затвор во Грција за фалсификување документи.

Според пишувањата на грчките медиуми, тие со автомобил успеале да ја преминат македонската граница на преминот Дојран, па при претрес на грчките граничари на подрачјето на Кукуш биле уапсени.

При пасошка контрола, во поставата на јакна на 23-годишниот возач биле пронајдени вкупно 440 празни документи кои требало да се користат како лажни лични карти, дозволи за престој и слично, на различни европски земји. Дополнително, во автомобилот биле пронајдени уште 159 празни документи скриени во багажникот.

Според пишувањата на Катимерини, на лажните бланко документи стоело дека се издадени во Грција, Франција, Белгија, Романија, Бугарија, Швајцарија, Норвешка, Летонија, Литванија, Шведска. Според извори од истрагата станувало збор за верни копии од официјални документи и со водени жигови, официјални знамиња и имиња на држави.

Одземените документи биле испратени до поддирекцијата за криминалистички истраги на Северна Грција за нивна лабораториска истрага.

Од македонското МНР и полицијата засега не споделуваат никакви информации.