Мајнл-Рајзингер - Муцунски: Австрија стои до Северна Македонија во вонредни ситуации и на патот кон ЕУ
Министерката за надворешни работи на Австрија Беате Мајнл-Рајзингер денеска го прими својот колега од Северна Македонија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во Виена, соопшти австриското МНР.
Дискусијата, како што се посочува, била фокусирана на поддршката по катастрофалниот пожар во дискотека во Кочани, во Северна Македонија, како и на блиските билатерални односи и натамошните чекори во процесот на проширување на ЕУ.
По трагичниот пожар во Кочани, се посочува, министерот за надворешни работи Муцунски побара од Австрија помош за згрижување на повредени со изгореници, при што Австриската федерална влада евакуираше шест тешко повредени во Виена и Грац на интензивна медицинска нега.
-Поддршката на Австрија за земјите и луѓето од Западен Балкан за мене се подразбира. Ова особено важи, секако, за итна медицинска помош во таков трагичен случај како што е пожарот во Кочани. Стоиме покрај вас – во тешки итни случаи, како и во заедничката изградба на сигурна и стабилна европска иднина, изјавила министерката за надворешни работи Мајнл-Рајзингер во понеделникот по првиот лет за евакуација.
Во однос на процесот на проширување на ЕУ, министерката за надворешни работи Мајнл-Рајзингер ја повторила силната поддршка на Австрија за брза интеграција на сите земји од Западен Балкан во ЕУ. Таа го поздравила значителниот напредок на Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, но ја истакнала, се додава, важноста од брзо спроведување на неопходните уставни измени.
-Австрија е еден од најголемите поддржувачи на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. За да се унапреди процесот, од суштинско значење е понатамошен напредок во реформите. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ, истакнала министерката Мајнл-Рајзингер и ја потврдила геополитичката неопходност од проширувањето на ЕУ за безбедноста на европското и австриското население.
Австрија и Северна Македонија се тесно поврзани преку културните и економските односи. Со над 50 компании, Австрија е најголемиот странски инвеститор во Северна Македонија. Дополнително, односите ги зајакнува одлично интегрираната дијаспора од Северна Македонија. Двете страни, исто така, ја истакнаа важноста на миграцијата и заштитата на границите како важна област на соработка, се наведува во соопштението од Австриското МНР.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Виена замина по посетата утрово во Загреб каде што се наоѓаат пет повредени во страотниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а 176 се повредени. Тој се заблагодари на Хрватска што примила на лекување петмина повредени, истакнувајќи дека Скопје меѓу првите повици со изрази за солидарност и понудена помош ги примил од Загреб.
Ново на Сител
-
Инзаги: Интер е во полуфиналето на ЛШ, па не би рекол дека сега сме во тежок период
-
Кацигата на Аиртон Сена продадена за рекордна цена на аукција
-
Тен Хаг или Чави би можеле да го заменат Чаби Алонсо во Баер
-
Злато, сребро, лаптопи, велосипеди и друга стока запленети при обиди за криумчарење
-
Малолетничка тешко повредена откако со својот електричен тротинет се судрила со автомобил
-
66-годишен тетовец ја истепал својата поранешна девојка, потоа барал да ја повлече пријавата против него
-
Кривична за стружанец за даночно затајување, го оштетил Буџетот на РМ за 5.632.920 денари
-
Димитровска: Комуницирав со семеен пријател пред да биде обвинет за „Адитив“