Македонија
10. August 2019 - 13:28

Лов на прелетен дивеч во Славиште

Здружението на ловци „Славишко поле” од Општина Ранковце најави дека утре, 11 август и следната недела,18 август се ловни денови за лов на прелетен дивеч.

Во овие денови ќе биде дозволено да се лови: гулаб гривнеж, белица и обичен гулаб. Еребицата и останатиот дивеч се под строга забрана за лов.

– Строго е забрането водење на ловџиски кучиња, а задолжително е поседување дневна дозвола за лов издадена од здружението и носење портокалов флуоресцентен безбедносен елек. Дозволи за двата ловни денови се издадени на 3 август, а ќе се даваат дозволи и на 16 август за лов следната недела, во просториите на здружението од 8 до 12 часот, посочуваат од ЗЛ „Славишко поле”.

Оттаму нагласуваат дека ловците кои не извршиле одредена уплата, оние кои не учествувале во хајка и сите кои не уплатиле годишна чланарина нема да се стекнат со право на лов.

– Дозволен терен за лов на прелетен дивеч е од фармите во селото Псача до Бентомачки Пат, северно до училиштето во Гиновце и црквата во Петралица, јужно до магистралниот пат. Дозволен е лов и во село Ветуница јужно до магистралниот пат до Крива Река. Целиот терен од Псача до Бабунци под магистралниот пат кон Крива Река е забранет за лов, се наведува во соопштението на здружението.

Целото ловиште ќе биде под засилена полициска и ловочуварска контрола. Од ловочуварската контрола истакнуваат дека сите граѓани можат да им се обратат за информации или за пријава на ловокрадци.