Македонија
7. September 2017 - 13:00

Ликовен перформанс на Соња Самарџиева во Кавадарци

 

Ликовен перформанс на Соња Самарџиева се реализира денеска на градскиот плоштад во Кавадарци, во чест на Денот на ослободувањето на градот, а во организација на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“.  Самарџиева е кавадарчанка која живее во Фиренца, каде има завршено ликовна академија.

- Еден од начините на кој го изразува своето сликарство е сликање на асфалт. Друштвото на ликовни уметници и нашата културна институција одлучија на градот да му дадеме нешто ново, нешто поразлично од она на што навикнале љубителите на уметноста, рече Владимир Темков, директор на Домот.

Во перформансот учествуваат и десетина нејзини колеги ликовни уметници и членови на Друштвото од Кавадарци, меѓу кои  Владимир Темков, Димитар Самарџиев, Ќиро Јосифов, Ива Јосифова, Симона Манчева, Ванчо Кеков. Заедно ќе сликаат и штафелајно сликарство.

Настанот е дел од програмските активности на културниот дом.

Самарџиева има завршено средно уметничко училиште во Скопје и вајарство на академијата во Фиренца. Во моментов се занимава со мадонарство, цртање на плоштади со употреба на пастели и пигменти.  Во тек се нејзините магистерски студии.