Лавров: НАТО, ЕУ и ОБСЕ стануваат застарени организации

НАТО, Европската унија и ОБСЕ стануваат застарени, а светот покажува сè поголем интерес за создавање единствена евроазиска безбедносна архитектура, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров истакна дека сите тие организации стануваат застарени – НАТО, кој според него не ги исполнил ветувањата кон Советскиот Сојуз дека нема да се шири на исток, како и ЕУ, која ја „уништила целокупната соработка со Русија“, а особено ОБСЕ, која, како што нагласува, целосно им се потчини на едностраните акции на Западот и го заборави основниот принцип на консензус и договор на сите свои членки, пренесува агенцијата РИА Новости.
Лавров за БРИКС ТВ изјави дека светот сè повеќе покажува интерес за руската иницијатива за создавање евроазиска безбедносна структура која се надоврзува на Големото евроазиско партнерство, кое веќе се развива во односите меѓу Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), Шангајската организација за соработка (ШОС) и Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН).
– Западот тежнее да го зачува униполарниот свет заснован на улогата на доларот и институциите кои тој ги создал, но невозможно е тоа да се направи со ограничување на новите центри на раст, рече Лавров.
Според него, ширум светот се појавија нови центри на брз економски раст, како што се Индија, Бразил и Кина, а трансформација се случува и во Африка, каде земјите престануваат да се потпираат на извозот и ги развиваат сопствените индустрии.
– Западот не сака да се откаже од своите некогашни доминантни позиции. Згора на тоа, со доаѓањето на администрацијата на (американскиот претседател) Доналд Трамп, оваа борба за потиснување на конкуренцијата стана особено очигледна и отворена. Всушност, администрацијата на Трамп во Вашингтон дури и не ги крие тие амбиции. Тие тврдат дека мораат да доминираат во енергетскиот сектор и да ги ограничат своите конкуренти, укажа Лавров.
Во есента 2024 година, на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск, Белорусија и Русија предложија развој на Евроазиска повелба за разновидност и мултиполарност во 21 век и ги повикаа другите евроазиски држави да се приклучат на овој напор. Белорусија и Русија ги изложија своите прелиминарни ставови за повелбата во документот под наслов „Заедничка визија за Евроазиската повелба за разновидност и мултиполарност во 21 век“.
Ново на Сител
-

Трамп го предупреди Зеленски: Ќе ја пропуштите шансата за мир ако не дејствувате
-

Рубио и Мерц разговараа за глобалните предизвици, војната во Украина и зајакнување на партнерството меѓу САД и Европа
-

Мицкоски: Заедничката изјава со Белата куќа за Договорот за трговија со САД е историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава
-

Посебен режим на сообраќај утре во Скопје поради Задушница
-

Германски авиони ќе учествуваат во мисијата на НАТО „Арктичка стража“
-

Кос: ЕУ би можела да одбие Србија да има пристап до средства од пакетот од 1,6 милијарди евра
-

Апел за донации: Потребна е итна помош за лекувањето на осумгодишната Ана
-

Одбраната ја оспорува темелноста на вештачењето за „Онкологија“, судењето продолжува на 4 март
