Македонија
30. November 2023 - 21:16

Лавров „главна ѕвезда'': Што пишуваа светските медиуми за Министерскиот самит во Скопје?

Министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје се најде на насловните страници во регионот и светот. Лавров главна ѕвезда во медиумите. Најголемо внимание привлече забраната за прелет на Бугарија. 

Руските портали ваквиот чекор го карактеризираа како скандал.

„Првпат во историјата властите не забранија авион, туку лице во авионот да биде на небото“, пишува рускaта 1тв.

Бугарската новинска агенција „Новините“ го оправда ваквиот чекор. Цитирајќи го Членот 1 од Меѓународната конвенција за цивилно воздухопловство, вели: „Секоја држава има целосен и ексклузивен суверенитет над воздушниот простор над нејзината територија“.

За дел од српските сајтови, тоа што неколку министри ја напуштија конференциската сала за време на обраќањето на Лавров, е понижување. Други, пак, споделуваат снимки на кои се гледа дека никој не се поздравува со рускиот шеф на дипломатијата додека тој се движи до неговото столче. 

Српски „Еуроњуз“ под наслов „ Вториот ден од Самитот го одбележаа нови контроверзии“ меѓудругото пишува дека Македонија немала избор и Лавров мораше да дојде, затоа што сите одлуки на ОБСЕ се носат со консензус.

Голем дел од регионалните медиуми ја пренесоа фотографијата на која се гледа лист на кој пишува „резервирано за НАТО“, а руската амбасада тврди дека било на местото каде што треба да седи Лавров. Го оценија како провокација.

Првиот човек на МЦМС Кржаловски кој беше гостин во Тема на денот рече дека овој настан е голем успех за државата.

„Можеби ќе беше поуспешно и пограндиозно да успееја да се сретнат и Блинкен и Лавров како некој почеток на решавање на конфликтот во Украина, но и ова е голем успех за нас“ – Александар Кржаловски, МЦМС

Според аналитичарот Атанасоски, Македонија можеби нема да има економски и финансиски бенефит од Самитот, но е добро за државниот авторитет.

„Ако гледаме од меѓународен углед на државата како држава која е спремна да организира вакви самити во иднина, еден ден Македонија ако стане член на ЕУ ќе треба да претседава со Унијата и да организира ваков тип на самити мислам дека е добредојдено. Македонија конечно треба да изгради своја конгресна сала за ваков тип на светски, важни настани да не ги организира во спортски сали како што е случајот во Борис Трајковски“ – Благојче Атанасоски, аналитичар 

Во Скопје дојдоа делегации од 76 земји од кои 57 членки на ОБСЕ, а останатите се партнерски држави од медитеранската и азиската група. Мандатот на актуелните функционери на овие позиции завршува на 4 декември годинава.