Балкан
23. August 2015 - 8:39

Курц: Заштита на надворешните граници на ЕУ и контрола на балканската рута

Министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц побара, со цел намалување на бранот азилнати, подобра заштита на надворешните граници на ЕУ, како и поголема контрола на западно-балканската транзитна рута. 

Курц, во интервју за виенскиот дневник „Естерајх“, изнесе пет предлози за справување со бегалската криза и борба против шверцот со луѓе. 

Австрискиот министер се залага за меѓународна акција против Исламска држава, каде смета дека Австрија треба да учествува со обезбедување на опрема. 

Според него, бегалците треба да бидат заштитени и згрижени во близина на нивната татковина. - Мора да направиме повеќе на терен и да воспоставиме прифатни центри за бегалците, што бегаат од теророт, нагласи Курц. 

Курц, исто така, истакна дека е неопходно бегалците барањата за азил да ги постават во тие прифатни центри во земјите од кои доаѓаат или во соседните држави. - Моментално немаме одржлив систем. Мажите се борат со шверц кон Европа, а послабите жени и деца остануваат, предупреди тој. 

Австрискиот министер, меѓу другото, се заложи и за одредување квоти за распределба на бегалците во ЕУ. - Германската канцеларка Ангела Меркел неодамна уште еднаш презема чекори за подобра распределба, што во целост го поддржувам, изјави австрискот министер за надворешни работи.

Курц предлогот го упатил и до Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини пред конференцијата за Западен Балкан, што на 27 август ќе се одржи во Виена.