Македонија
31. March 2022 - 13:44

Ковачевски: На ЕСМ до крајот на годината ќе и бидат потребни уште 100 милиони евра

Васко Ковачевски, генералниот директор на АД ЕСМ, во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека на компанијата до крајот на годината ќе и бидат потребни уште 100 милиони евра за да ја покрие разликата помеѓу производствената и продажната цена за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.

- Од минатата година од ноември па до сега се потрошени околу 165 милиони евра. Ќе треба до крајот на оваа година уште 100 милиони евра. Овие пари ќе се обезбедат дел од програмите со намалување на трошоците и дел од ребалансот на буџетот, изјави Ковачевски.

Првиот човек на државните електрани најави и задолжување кај Европската банка за обнова и развој со кредит од 50 до 100 милиони евра.

- ЕБОР дава можност за кредитно задолжување со камата под 1 процент, исплата на 6 години со грејс период од 6 месеци. Станува збор за сума од 50 и 100 милиони евра за покривање на разликата од производната и продажната цена, најави Ковачевски.

Тој најави дека со новите проекти ќе се обезбеди производство на електрична енергија од 1760 мегавати, додека бројот на вработени во АД ЕСМ ќе се намалува по придроден одлив со одење во пензија.

- Сите капацитети на АД ЕСМ се подготвуваме да бидат во функција. ТЕЦ Неготино ќе биде подготвено за работа и за наредната година. Оваа година имаме план за 20 отсто зголемување на производството, 100 процентно ќе биде снабдувањето кон ЕВН Хоме, повторно ќе ги покриваме техничките загуби на МЕПСО и Електродистрибуција, а има и планови како да му помогнеме на стопанството, додаде генералниот директор на Електрани.