Конечно ќе почне изградбата на втората фаза од автопатот Скопје - Блаце
Шест години откако државата изгради два километри кои не водат никаде, Министерството за транспорт го избра изведувачот на втората фаза од автопатот Скопје - Блаце, долга 10,5 километри. Изградбата ќе почне летово, а ќе треба да биде готова за три и пол години отсега.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски по средба со претставниците од Европската банка за обнова и развој кажа дека изведувач ќе биде конзорциум предводен од компанијата Гранит.
Вели, по подолго време голем инфраструктурен проект добива македонска градежна компанија, што според него, е голем сигнал за градежниот сектор. Иако трасата е кратка, само 10,5 километри, Николоски вели дека станува збор за исклучитечно тежок инфраструктурен зафат.
- На него имаме пет тунели, имаме две галерии, 12 мостови или вкупно околу 40 -тина објекти заедно со помалите објекти. Тоа е еден голем инженерски потфат, голем градителски потфат. Но, ќе докажеме дека како држава можеме да работиме големи проекти, вели Николоски.
Автопатската делница треба да го забрза транзитот кон Косово и да се спои на автопатот „Арбен Џафери“ кој ја покрива целата територија на Косово и води до Црна Гора.
- На дневна основа многу патници поминуваат по него, а со поврзувањето и со Косово и со Црна Гора се отвора уште едно пристаниште за македонскиот бизнис, за македонското стопанство, тоа е пристаништето во Бар, вели Николоски.
Првите два километри од трасата беа изградени уште во 2020 година, иако проектот е најавуван уште во 2014. Трасата што е изградена се наоѓа веднаш до постоечкиот регионален пат, но не е ставена во функција. Застој имаше главно поради бирократија, но и експропријација и репроектирање на трасата. Во меѓувреме, додека се чекаше проектот да биде откочен, во 2024 целосно беше реконструиран стариот пат.
Претходно во текот на неделава, премиерот Мицкоски на брифинг со новинарите кажа дека на 8 септември во употреба ќе биде пуштена делницата од Извор до Врбјани, а целосниот автопат Кичево - Охрид се очекува да биде пуштен во употреба во првиот квартал од 2027 година. Мицкоски рече дека во ист момент, во втората половина од оваа година ќе се работи на шест автопатски решенија, но и на неколку експресни патишта.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
