Македонија
10. February 2016 - 13:07

Kонцерт на Дуке и пријателите во Метрополис арената

Композиторот, пијанист и продуцент со меѓународна кариера Дуке Бојаџиев на 20 февруари во Метрополис арена во Скопје ќе одржи концерт „Дуке и пријателите“ организиран од „Авалон продукција“

Тоа ќе биде најголем концерт во досегашната кариера на Дуке на кој ќе гостуваат негови пријатели и соработници: гитаристот Влатко Стефановски, пејачките Каролина Гочева и Тања Царовска, актерот Никола Ристановски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистите Матијас Кунзли од Њујорк и Костас Анастасијадис од Грција, придружувани од камерен оркестар под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар. 

Концертот ќе биде 10-ти во серијата концерти на Дуке и, како што рече тој денеска на прес-конференција, ќе биде проширена верзија на концертниот проект „Сон. Верба. Љубов“ кој минатата година го изведе во Македонија и со кој во октомври настапи во познатата Карнеги хол во Њујорк. Концертот е спој на фрагменти од музика што ја создал за македонски филмови, композиции од албумот „Љубовта е патот“ кои се комбинација од авторска, филмска музика и изворно македонско творештво. 

- Ова ќе биде попроширена верзија, на многу поголема сцена. Десетти е во серијата концерти и ќе биде најбогат со музика, гости и  продукција. Ќе има и стари и нови композиции зашто проектот еволуира и се менува, рече Бојаџиев додавајќи дека проектот ќе продолжи, и во иднина ќе ги внесува сите нови проекти на филмска музика која е негова главна преокупација. Притоа најави дека ја работи музиката за новиот филм на хрватскиот режисер Рајко Грлиќ и дека неговата соработка со творци од регионот ќе значи и натамошно ширење на овој концертен проект и можност за гостувања надвор од Македонија.

Од најавените пријатели на претстојниот концерт, прва ќе биде неговата соработка со Влатко Стефановски, за кого откри дека ќе ја изведе песната „Татко“ посветена на татко му, и со актерот Никола Ристановски кој ќе кажува љубовна поезија. Почестен е што Стефановски ќе му гостува на концертот зашто, како што рече, растел со музиката на „Леб и сол“. Ристановски, пак, подолго време го имал во план, но поради зафатената агенда на актерот досега не можеле да договорат заеднички термин. 

Авалон продукција ги организираше концертите на Дуке минатото лето во Хераклеја и во Античкиот театар. 

-  Летото ветивме дека нема да застанеме. За само шест месеци пак сме заедно, на мое големо задоволство. Имаме светски концерт со македонски оркестар. Прекрасна соработка во изминатите месеци која очекувам да продолжи и по овој настан, рече Денис Илиоски од „Авалон“ за концертот кој за десет дена ќе се одржи во Метрополис со поддршка на Телеком и на други спонзори.  Посетителите на концертот ќе добијат ДВД од концертот на Дуке на Античкиот театар во Охрид од 9 август. 

Бојаџиев долго време живее и твори во Њујорк, но своите проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка сцена. Автор е на филмска, електронска и акустична музика. Соработувал со оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со македонскиот режисер Столе Попов за неговиот последен филм „До балчак“