Комисиска расправа за прифаќање на граѓанска иницијатива за зголемување на породилното отсуство
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправаше за уредноста на граѓанската иницијатива за измена на Законот за работни односи. Предлогот е наместо девет месеци породилното отсуство да биде 18 месеци, а е доставена преку овластениот предлагач Снежана Кузмановска.
Членовите на Комисијата и од владејачкото мнозинство, и од опозицијата сметаат дека има потреба да се отвори ова прашање и да има измени во таа насока. Сепак дел од пратениците од владејачкото мнозинство, кои немаа единствен став, сметаа дека иницијативата формално-правно е неуредна бидејќи во заглавието на документот каде стојат потписи не е наведен Законот за работни односи туку закон за породилно отсуство.
ВМРО-ДПМНЕ со став дека доколку не биде прифатена иницијативата тие предлогот ќе го преточат во законски текст и ќе го предложат до сите пратенички групи.
За уредноста од формално-правен аспект и Антонио Милошоски и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека грешката е направена во Државната изборна комисија и оти таа е исправена со записник. Според Димовски најдобро е иницијативата да оди како граѓанска бидејќи ќе се отвори поширока дебата за ова прашање.
Павле Богоевски и Ферид Мухиќ од СДСМ сметаат дека иницијативата треба да биде прифатена без да се собираат повторно потписи. Богоевски, сепак, пред иницијаторите кажа дека крајната одлука ќе зависи од финансиските импликации и побара пратениците да добијат материја со финансиските импликации што ќе ги предизвика ова барање за 3, 6 и 9 месеци и исто така колку би ја чинело државата доколку првите девет месеци од породилното се субвенционираат од државата.
Од друга страна пратениците Петре Шилегов и Фросина Ташевска Ременски сметаа дека иницијативата не треба да биде прифатена и оти граѓаните може за кратко време повторно да соберат 4.600 потписи.
Ременски укажа дека наскоро до Собранието ќе пристигне пакет измени на законите што ги засегаат работните односи. Смета дека на прашањето за породилно отсуство треба да се има мултисекторски пристап бидејќи тоа не е прашање само на трудовото право туку и здравство и други сектори.
Шилегов смета дека за прашањето има политички консензус дека има потреба за расправа и за дорегулација на оваа област која ќе отвори секаков тип општествена дебата, но оти иницијативата е неуредно поднесена.
Ново на Сител
-
Втор ден комисиска расправа за ребалансот на Буџетот
-
120 нови дигитални услуги
-
Нов бран превентивни мерки на полицијата
-
Зголемен интерес кај струмичките земјоделци за владините мерки за поддршка
-
Преглед на вестите од светот
-
СДСМ обелодени нови кандидати за градоначалници во 10 општини
-
Анализа: Како влијае споредбата од еврокомесарката Кос на јавноста?
-
Тема на денот со Ненад Марковиќ, универзитетски професор