Кој е за, а кој против членство во ЕУ без право на глас?
Двете најголеми партии, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, сѐ уште се воздржани кон новата неформална идеја на Брисел за брза интеграција преку постепено зачленување, без право на глас за актуелните кандидати, меѓу кои е и Македонија. Без јасен став за планот, двете партии преферираат полноправно членство во ЕУ, но различно го објаснуваат зазастојот на Македонија во евроинтеграцијата.
Владејачката ВМРО ДПМНЕ тврди дека македонската дипломатија работи на влез во ЕУ како достоинствена држава.
„Оваа ситуација е хипотетичка, односно Македонија се споменува како членка на Европската Унија. Да оставиме времето да покаже што ќе се случи, бидејќи одлуката е делумно поврзана со војната помеѓу Русија и Украина. Македонската дипломатија продолжува со офанзива за влез во ЕУ како горда и достоинствена држава.“
Од СДСМ велат дека ќе се изјаснат за идејата кога таа ќе стане официјална. Тие се за полноправно членство, но сметаат дека власта води анти ЕУ политика.
„Доколку стане официјална позиција на ЕУ, тогаш може да се разгледува. СДСМ е за целосна интеграција на Северна Македонија во ЕУ, вклучително и полноправно членство со сите права, меѓу кои и правото на глас. За жал, гледаме дека ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски водат антиевропска кампања, прикажувајќи ја ЕУ како 'булинг' кон Македонија, наместо да признаат дека критиките од ЕУ се резултат на неисполнети обврски и неопходни реформи за членство.“
Идејата за постепено зачленување во ЕУ се споменува уште од 2018, а повторно стана актуелна кон крајот на 2025 поради мировниот план за Украина. За да се влезе во планот, кандидатите мора да ги исполнат два услови: усогласеност со заедничката надворешна политика на ЕУ и исполнување на критериумите за владеење на правото.
Најгласен во промоцијата е албанскиот премиер Еди Рама, додека Црна Гора ја отфрла идејата, сметајќи дека заслужува полноправно членство. Според премиерот Мицкоски, Македонија сѐ уште ја гради својата позиција бидејќи ќе се избегне бугарското вето, но останува условот за уставни измени. Слично мисли и Србија, а Вучиќ поддржува постепено членство, но без услови за Косово и санкциите кон Русија.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
