Македонија
12. February 2024 - 16:39

Кои се новите правила од полноќ?

Патните исправи на кои не стои новото уставно име - Република Северна Македонија целосно излегуваат од употреба. Со нив не може да се напушти државата на ниту еден граничен премин а нашинците затекнати со стар пасош во странство треба да се вратат дома со патен лист кој чини 30 евра и се издава во дипломатско конзуларните претставништва.

Возачките дозволи според новата регулатива остануваат во важност на територијата на Република Македонија. За управување со возило надвор од државата потребно е да се поседува меѓународна возачка дозвола.

Надвор од употреба за надвор од државата се и сообраќајните дозволи со старото уставно име. И тие треба да бидат заменети со нови. На новите стои новото уставно име и кодот „МК“ кој според МВР нема да биде оспоруван од странските погранични служби.

Регистарските таблички на кои стои стариот код „МК“ треба да добијат налепница „НМК“ за патување во странство. Во Македонија не е ограничено правото на користење на возило со табличка со стариот код.

Единствен документ кој останува во важност во рамки на државата независно кое име стои во него се личните карти. Со нив и натаму може да се извршуваат сите обврски пред институциите. Со нив може и да се патува во земјите со кои имаме договор за патување како што се Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина но дали патниците ќе бидат пропуштени и од тамошните гранични власти се уште е неизвесно.