Македонија
12. December 2017 - 9:52

Кофи: Македонија треба да го искористи позитивниот развој за што поскоро интегрирање во НАТО

Актуелните безбедносни предизвици во регионот, како и искуствата на АРМ во доменот на меѓународните операции предводени од страна на НАТО биле темите на разговор меѓу началникот на генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски со директорот на центарот во фондацијата за надворешна политика „Даглас и Сара Алисон“ Лук Кофи. 

Делегацијата на АРМ предводена од Величковски во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави во текот на вчерашниот ден оствари посета на фондацијата „Херитиџ“.

Како што информираат од АРМ директорот Кофи истакнал дека Македонија треба да го искористи овој позитивен развој на настаните за што поскоро интегрирање на нашата земја во НАТО за што ја има безрезервната поддршка од фондацијата. Имајќи го предвид влијането на фондацијата „Херитиџ“ кое досега го имала во донесувањето на значајни одлуки кај политичкото водство на САД, искажаниот став во моментот има свое значење. 

Во седиштето на Амбасадата на РМ во САД од Здружението Обединетата македонска дијаспора (ОМД) на началникот на ГШ на АРМ му била врачена „Награда на ОМД за заслуги во службата и јавниот сервис“, додека на командантот на Националната Гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј наградата за заслуги и придонес во партнерството.

Генералот Креј го истакнал значењето на програмата за партнерство и соработката на САД со Македонија, додавајќи дека оваа соработка ќе продолжи да се развива и да биде главниот стожер на заедничкото партнерство и постигнување на понатамошни успеси.