Македонија
16. February 2018 - 16:13

Коѕијас тврди дека нема согласност туку споделени мислења за можно решение, бара уставни измени и географска одредница

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, претпочита име за земјава, што нема да има ништо заедничко со грчка Македонија и нема да предизвикува забуни.

Во интервју за грчката телевизија „Алфа“, Коѕијас вели дека и покрај тоа што македонската влада смета дека нема потреба да се менува уставот, ниту пак има мнозинство за тоа, сепак грчката позиција е уставни промени за да не се остави простор за спорови во иднина.

Истата порака ја испрати и до политичките сили во Грција.

,,Тие што сакаат уставот да се смени сега и тука, знаат дека тоа нема да се случи. И тоа се тие што не сакаат договор. Но, сакам да појаснам дека несогласувањето со северниот сосед ќе значи продолжување на проблемот. Тоа ќе значи дека во регионот ќе имаме постојан извор на нестабилност, поради што Турција ќе се обидува да интервенира. Заев беше во Турција, како што знаете, војската на северниот сосед е обучувана од Турција. Сметам дека е добро да ги развиеме нашите односи, за тие работи да се одвиваат во добра соработка‘‘, вели Коѕијас.

Зборувајќи за предлозите што биле изнесени на маса за новото име, тој вели дека ставовите на раководството на ФИРОМ и неговите се разликуваат.

,,Или Горна Македонија, или Северна Македонија или Вардарска Македонија или Македонија – Вардар. Има дебата. Името да биде на латиница, да биде на англиски, од каде ќе се преведува на сите јазици. Тоа е она што мислам дека Скопје би го сакало. Мојата желба е малку покомплексна. Би сакал да биде тоа име кое ќе кажува дека тоа е една друга Македонија, географски ентитет, а не историско наследство на грчка Македонија‘‘, вели шефот на грчката дипломатија.

Коѕијас објаснува дека преговорите се одвиваат по принципот точката што е помалку важна за едната, а многу важна за другата страна, тогаш првата да попушти, оти во спротивно нема да има договор.

За грчката предлог спогодба на 20 страници, министерот објаснува дека првиот дел е готов, а се однесува на името и на изведенките од името. 

,,Односно, како ќе се користи името – ние сме и за внатрешни и за надворешна употреба, и во меѓународните односи и во билатералните односи. Значи, има име и тоа се користи, но доаѓаат и изведенките. Идентитетот, единството, јазикот. Потоа, се зборува и за трговските марки – има многу производи со името Македонија на двете страни, и, се разбира, тоа мора да престане. Но, за тоа нема да зборуваме во овие преговори‘‘, вели Коѕијас.

Коѕијас се надева дека месецов ќе дојде во Скопје, со предлогот како прв грчки висок функционер што ќе слета на скопскиот аеродром, кој како гест на добра волја се преименува во Меѓународен аеродром Скопје.