Ќе се проверува производството на спорните млечни производи, од понеделник резултати и за сувомесните
Агенцијата за храна ќе го проверува производствениот процес на млекарниците кои продавале производи со пониска масленост и палмини масти. Инспекторите ќе вршат вонредни контроли на внатрешните записи и лабораториски анализи за да утврдат од кога е лажното декларирање на млечните производи.
Целта на длабинските контроли во фабриките е да се провери системот на самоконтрола на компаниите и да се види како течел целиот процес од влез на суровина до финален производ.
„Покрај редовните ќе се направи и аудит да се види и од самото производство како течел настанот. Ќе се вратиме еден чекор наназад за да бидеме, дали воделе записници, дали воделе лабораториски анализи, дали ова е од пред 15 дена или постоело од години наназад. Инаку во однос на безбедноста на овие производи, безбедноста не е нарушена, нарушен е квалитетот. Нарушен е затоа што направена е измама со храна на потрошувачите, манипулација со потрошувачите“, изјави директорот на АХВ, Миланов.
Неправилности најчесто се откриени кај сирењата, кашкавалот, павлаката, јогуртот и млекото. Станува збор за 10 компании, од кои две се увозни, а осум се домашни.
Покрај млечната, под лупа на АХВ е и месната индустрија. На почетокот на следната недела се очекуваат лабораториските анализи за сувомесните производи, салами, виршли и паштети.
Директорот Миланов рече дека и таму би можеле да се појават неправилности.
„Јас искрено да ви кажам, очекувам дека би имало нешто, затоа што таму премногу имаме ароми, бои, фосфати…“, кажа тој.
Миланов признава дека казните се премногу ниски и затоа се подготвуваат измени во Законот за прекршоци.
„Одиме кон тоа, доколку операторот го повтори прекршокот уште еднаш или двапати, да му се земе решението за работа. Во рок од три години тој нема да може да биде оператор со храна“, најави директорот на АХВ.
Во последните две години биле уништени повеќе од 800 тони небезбедна храна, а над 300 тони биле вратени во земјите на потекло или уништени.
Капацитетот на АХВ моментално брои 400 вработени, од кои половина се инспектори на терен на ниво на цела држава.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
