Бизнис
25. September 2026 - 21:44

Ќе продолжи ли повластеното ДДВ кај дизелот од понеделник?

До понеделник Владата ќе треба да одлучи - дали повластеното ДДВ кај дизелот ќе го продолжи и во следните две недели.

На последниот ден од тргувањето, нафтата на светските берзи благо се спушти. Барел се продава за околу 105 долари. Сепак оваа цена е за 2 долари повисока од минатиот петок, кога брентот се продаваше за 103 долари. Европа го дигна алармот – цените на горивата уриваат рекорди – следуваат сериозни поскапувања, ако за скоро не заврши војната на Блискиот Исток.

И САД и Иран сакаат деескалација на кризата. Нивните преговарачи во Њујорк разгледуваат фазен договор за повторно отворање на Ормутскиот Теснец од страна на Техеран и  укинување на економската блокада од страна на Вашингтон.

Додека се чека на договор, дизелот во европските земји се продава над 2 евра. Платформата која ги прикажува цените на горивата во Европа, објави дека кај нас дизелот е најевтин – во просек литар чини скоро 1,7 евра. Најскап дизел се точи во Данска, над 2,5 евра. Од соседството, во Србија и Словенија дизелот се продава над 2 евра, Грција 2,2 евра а во Хрватска 1,9.

Бензинот пак е најевтин во Турција. Литар чини под 1,5 евра. Македонија, со цена од 1,6 евра е трета во Европа, додека најскап бензин се точи во Холандија - скоро 2,5 евра. 

За да го ублажат ударот од поскапувања, некои држави преземаат мерки како намалаување на даноци за гориво, воведување ваучери за нафта, енергетски субвенции за најсиромашните.

Покај намалено ДДВ, премиерот неколку пати изјави дека ако е потребно ќе се преземат и дополнителни мерки, за да се зачува стандардот кај граѓаните. Освен намаленото ДДВ, во моментов кај нас на сила е и намалување на акцизата од 4 денари за сите горива.