Loading Video...
Свет
3. August 2022 - 12:22

Кина почна воени вежби во близина на брегот на Тајван

Кина ги почна најавените воени вежби околу Тајван. Целта на воената акција е строго одвраќање против ескалацијата на негативните дејствија од страна на САД по прашањето на Тајван информираа од кинеското Министерство за надворешни работи.

Ваквата реакција на кинеските власти дојде како одговор на посетата на спикерката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која е највисокиот американски функционер кој го посетил островот во последните 25 години.

Во нејзиното обраќање во тајванскиот парламент таа изјави дека САД е посветена на поддршка на развојот на демократија на Тајван и дека нема да дозволи Кина да застане на тој пат.

На последните случувања во Кина реагираше и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров кој посочи дека посетата на високата претставничка на Соединетите Држави е намерен обид на Вашингтон да ја иритира Кина.

Европската унија пак денеска апелираше тензиите околу посетата на Пелоси на Тајван да се решат со дијалог за да се избегне опасноста што може да произлезе од погрешна проценка.