Македонија
2. November 2015 - 13:34

Кавадарци одбележa 100 години од раѓањето на Никола Минчев, министер за просвета во првата македонска Влада

По повод 100 години од раѓањето на Никола Минчев, делегат од Кавадаречко на првото заседание на АСНОМ, денеска во домот на културата „Иван Мазов Климе” во Кавадарци се одржа свечена академија.

​Говорејќи за животот и делото на Минчев, советникот историчар и директор на Музеј-галеријата во Кавадарци, Петре Камчевски, меѓу другото потсети дека на 2. август 1944 година Никола Минчев бил избран за делегат од кавадаречко на првото заседание на АСНОМ кое се одржа во манастирот Прохор Пчински, каде  бил избран и за член на Призидиумот на АСНОМ.

​- На 16. април 1945 година на Третото заседание на АСНОМ е избрана првата Влада на Република Македонија, на кое за прв министер за просвета бил избран Никола Минчев. Во својство на  министер за просвета  бил особено горд, што ја имал таа чест да ја потпише првата македонска азбука и првиот македонски правопис, нагласи Камчевски.

​За Минчев, Камчевски кажа дека е истакнат македонски револуционер, воен стратег и една од најзначаjните политички личности што ги даде Кавадарци. 

- Нешто подоцна на 7. ноември 1945 година, со Указ бр.375 министерот за просвета, Никола Минчев, го потпишал формирањето на Филозофскиот факултет. Ова го правело многу горд и среќен бидејќи како просветен работник и како македонец бил во можност активно да учествува во изградбата на образовниот систем во Македонија. Тој лично сметал дека со помош на образованието на мајчин јазик ќе се придонесе во стручно и интелектуално развивање на македонските високошколски кадри. Минчев многу добро знаел дека  образованието и литературата на македонски јазик се темелот врз кој ќе се доградува македонската нација и успешно ќе се брани од сите Букурешки договори и пропаганди, истакна Камчевски. 

Од 1955 година цели десет години Никола Минчев се наоѓал во Белград, во Сојузниот извршен совет (или Владата на ФНРЈ), каде заземал мошне значајни функции. Пет години Минчев бил министер за финансии на ФНРЈ и уште пет години бил директор на Сојузниот завод за стопанско планирање. Како министер за финансии и директор на бирото за стопанско планирање на ФНРЈ,Никола Минчев, како што подвлече Камчевски, многу придонел во изградбата на мелоративните системи воМакедонија, како и во изградбата на многу занчајни индустриски капацитети и изградбата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

- Во 1965 година Минчев се враќа во Македонија и веќе истата година е именуван за претседател на Владата на Република Македонија  до 1968 година. Веднаш по истекот на мандатот врши уште една голема функција, претседател на Собранието на Република Македонија од 1968 до 1974 година, додаде Камчевски.

Како што нагласи Камчевски, во времето кога бил  претседател на Собранието на Република Македонија,  интензивно се работело на подготовката на новиот Устав на Република Македонија, а во 1967 година во својство на претседател на Владата на РМ, Минчев дал голем придонес при формирањето на МАНУ.

Пред присутните во салата, се обрати и неговата ќерка Билјана Минчева Шукарова која меѓу другото нагласи дека три работи биле многу важни во животот на нејзиниот татко - фамилијата, Македонија и Кавадарци.

Настанот беше збогатен со богата културно уметничка програма.