Македонија
25. May 2023 - 16:41

Кандидатите за судии и обвинители реaгираат дека академијата ги менува условите во постапка за евалуација поради законски измени

Предлог законот за Академија за судии и обвинители го закочи приемниот испит за новите академци.

Наместо од 29 мај до 4 јуни, полагањето на квалификацискиот тест ќе го чека донесувањето на новиот закон. Александар Ристески, кој веќе влегол во вториот круг на селекција, вели, одложувањето на тестот е незаконско менување на правилата за избор.

„Кандидатите кои конкурирале за отпочнување на процедурата, знаеле кои биле правилата. Сега, кога веќе една фаза е помината, таа за странски јазик, во сред процедура се менуваат правилата, се менува начинот на полагање, најверојатно ќе се сменат и прашањата. Општо кажано, создава сомнеж, некаков сомнеж бидејќи не се менуваат правилата кога е веќе некоја постапка почната“, изјави Александар Ристески, Адвокат и кандидат за Академија.

За првиот човек на Академијата, нема ништо спорно што полагањето на тестот зависи од донесувањето на новиот закон. Вели ќе има промени во редоследот, односно по проверката на знаењето за странски јазик ќе следат психолошкиот и тестот за интегритет, па потоа квалификацискиот дел. Се подигнува и прагот, па наместо досегашните 40, за положен ќе се смета кандидатот кој ќе освои најмалку 60 бодови. ж

Така според Габер-Дамјановска се прави подобра селекција, но негира дека измените се на штета на кандидатите кои веќе ја почнале постпаката.

„Мене ми е многу жал ако тие така го мислат тоа. Бидејќи не сакавме да губиме време на новата верзија, почнавме со чекори кои сепак би значеле дека ќе се одвиваат самите фази и во таа смисла, мислам дека се во придобивка кандидатите, не да имаат сомнеж за било какви нерегуларности“, вели Наташа Габер-Дамјановска, Директор на Академија за судии и јавни обвинители.

Новиот закон пак на брза трака се движи низ Собранието. Означен е со европско знаме. Опозицијата се сомнева дека тој се прави по терк на власта, бидејќи со него се предвидува во оценувањето на кандидатите да учествува и службеник предложен од министерот за правда. Сомнеж за влијание гледаат и во укинувањето на електронско полагање на последниот дел од испитот.

Повеќе од 500 кандидати конкурирале за влез на академијата, тестот за познавање странски јазик го положиле 350, а со следните селекции кои ќе се одвиваат според новиот закон, предвидено е да се изберат 130 кандидати кои ќе ја почнат обуката за судии и обвинители.