Македонија
10. July 2017 - 14:58

Камен-темелник на пречистителна станица во Кочани

Во близина на кочанското село Мојанци денеска е поставен камен-темелник на пречистителна станица за третман на отпадни води. Проектот чини над 21 милион швајцарски франци од кои 92 отсто се грант од Владата на Швајцарија, седум проценти се од Владата на Република Македонија и 15 на Општина Кочани и КЈП„Водовод“ од Кочани.

- Очекувам изградбата на објектот да оди според планот. Со Општина Кочани имаме долга соработка и верувам дека за три години повторно ќе бидеме овде на предавањето во употреба на пречистителната станица, истакна швајцарската амбасадорка Сибиле Сутер Тејада.

Според заменик-минситерот за екологија Јани Макрадули, изградбата на ваков капитален објект е од особено значење.

- Здрав живот во нашите средини треба да биде нашата грижа за идните генерации. Верувам дека примерот на Општина Кочани ќе го следат и останатите општини, рече Макрадули.

Градоначалникот Ратко Димитровски додаде дека проектот за третман на отпадните води во Кочани ќе придонесе за одржлив развој на регионот, преку заштита на природните ресурси. - Воедно ќе го промовира економскиот развој, индустријата, земјоделството и туризмот, посочи Димитровски.

Проектот опфаќа проширување на канализацискиот систем во Кочани, изградба на главен колектор и пречистителна станица за отпадни води,  корпоративен развој на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.

Сегашната состојба во која отсуствува третманот на отпадната вода со околу 15 испусти, има големо негативно влијание врз санитарните услови, животната средина и земјоделството. Со главниот колектор за отпадна вода, чија должина е 12 километри и е од висококвалитетен водонепропустен материјал, ќе се собира отпадната вода и ќе се транспортира до пречистителната станица.

Станицата е со концепт за намален оперативен и трошок за одржување, со влезна пумпна станица, примарно прочистување, биолошки третман, отстранување јаглерод, азот и фосфор, стабилизација на милта од отпадната вода и нејзино цедење. Почна да се реализира во октомври 2015 година, ќе трае 38 месеци, а  периодот за изведба е од крајот на 2016 до крајот на 2018 година.