Македонија
26. May 2024 - 16:39

Јавен обвинител ќе го истражува хаосот со хирушките сали на Клинички

Јавен обвинител ќе ја истражува причината за хаосот на Клинички со затворањето на хируршките сали. Од обвинителството велат дека во вторникот добиле известување од министерството за здравство и ќе преземат дејства да проверат дали има елементи за кривично дело, по што ќе ја информираат јавноста.

Во меѓувреме 9 –ти ден не работат хируршките сали, операциите се одложени, пациентите се оставени во неизвесност, а здравствените власти цело ова време молчат.

Зошто има непријатна миризба во салите и што се случува со системот за кислород, одговор на овие прашања треба да даде се уште актуелниот министер Илир Демири, кој закажа прес конференција утре точно напладне, иако Сител уште во вторникот алармираше и секој ден бараше одговори од министесртвото за овој сериозен проблем кој предизвика колапс на хируршкиот блок.

Денеска од ВМРО ДПМНЕ прашаа дали причина за хаосот на хирургија е навистина системот за компримираниот воздух или има бактерија МРСА?

  • Ако системот за компримираниот воздух се користи за пациентите во Кома центарот и КАРИЛ, зошто не би бил добар за операциските сали, и обратно- ако салите се затворени заради системот за воздух, зошто работи кај пациенти во Кома центарот и КАРИЛ? Дали причината за затворање на салите навистина е системот за воздух и климатизацијата, за што цела недела нема зафат за надминување на проблемот или се работи за сосема нешто друго? Дали тоа друго можеби е појава на бактеријата МРСА? Дали има вонредна контрола за хигиена на одделот Траума? Дали брисевите од салите се негативни? Колку е зголемена инфекцијата на оперирани пациенти? Дали има интрахоспитални инфекции кај секој втор пациент на оваа Клиника? Зошто истовремено со ЈО, Здравството не отпочне со решавање на проблемот, праша на прес конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Целиот терет од долгото неработење на хируршките сали на Клиничи цела недела падна врз вработените во ГОБ 8 ми септември и Старата градска болница, кои ги одложија веќе планираните операции за да ги прифатат итните пациенти, не само од Скопје туку и од другите градови. Дополнителен проблем е неработењето и на хируршкиот оддел во Кумановската болница поради проблеми со водата предизвикани од силното невреме кое го зафати овој реон во вторникот.