Македонија
24. April 2024 - 22:35

Јакимовски: Резултатите се далеку од моите очекувања

Претседателскиот кандидат од коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Стевчо Јакимовски, го призна поразот од претседателските избори и ѝ посака среќа во вториот круг на кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова.

– Ја одржувам оваа прес-конференција со цел да го признаам поразот на овие претседателски избори и воедно да ѝ честитам на водството на госпоѓата Гордана Силјановска – Давкова, како и да ѝ посакам среќа во вториот изборен круг, рече Јакимовски.

Вели резултатите се далеку од неговите очекувања, но истакна дека граѓаните имаа можност да избират меѓу седум претседателски кандидати.

– Дали резултатите се задоволувачки според мене, се разбира дека не се. Далеку се од очекувањата. Но, како и да е, битно е дека граѓаните на Република Македонија имаа избор, бираа помеѓу седум свои кандидати. Дали биле во право во тоа што го избрале ќе видиме после пет години, се надевам дека ќе бидеме сите живи и здрави и после пет гопдини ќе констатираме дали изборот бил добар или не, изјави Јакимовски од седиштето на ГРОМ.