Македонија
25. December 2025 - 16:42

Изборот на Народен правобранител заглави во Собранието, институцијата пред целосна блокада

Изборот на народен правобранител заглави во Собранието, институцијата од следната недела влегува во целосна блокада.

Вработените вчера и со писмо апелираа час поскоро да се избере нов предводник на институцијата бидејќи не можат да земат плата, а им се заканува и иселување од просториите бидејќи три месеци доцнат и со кириите.

- Со овој допис сакаме да ја запознаеме целата македонска и поширока јавност од дипломатските претставништва во државата и странските мисии за состојбата во која се наоѓаат вработените во Народниот правобранител кои во моментот не може да остварат многу од своите права од работен однос, а од јануари 2026-та година, веројатно нема да земаат ни личен доход, со што ќе престане да се уплаќаат редовните уплати за социјално и здравствено, но и за пензиско осигурување. Поради, ова се запрашуваме дали државата има потреба од ваква институција или не, велат во дописот до јавноста вработените

Изборот на народен правобранител пак е заглавен во собраниската комисија за избори и именувања. По пензионирање на Насер Зибери во јули годинава, владејачкото мнозинство го предложи Фатон Сељами, но без поддршка од пратениците на ДУИ не може да се обезбеди Бадентерово мнозинство за негов избор. Спикерот Гаши утрово апелираше партиите да постигнат договор бидејќи се работи за важна институција. Сепак вели, ако нема политичка волја ќе треба да се најде алтернатива за други решенија.

- Би сакал тоа најбрзо што е можно да се случи и веднаш би ја свикал седницата. Точката е на дневен ред, ќе ја изгласаме за да може да функционира и во однос на повторените избори кои се на 11 јануари. Но, мислам дека не се исцрпени сите политички капацитети да се најде компромис и затоа повикувам уште еднаш овие денови да се седне да се најде решение и мислам дека немаме толку големи разлики за да не можеме да одлучиме кој ќе биде народен правобранител рече претседателот на Собранието.

Покрај изборот на народен правобраните, во Собранието е заглавено и формирањето на Анкетната комисија за Кочани и останатите несреќи со човечки животи, но и формирањето на комисија за нов Изборен законик.

Иако Гаши побарал, досега ниту една партија нема предложено свои членови за формирањето на Анкетната комисија, додека за работната група за измени на Изборниот законик, членови има предложено само Левица. Сепак нејасно останува дали Собранието ќе работи на комплетно нов текст на Изборниот законик или ќе се земе предвид готовиот нацрт што го работеше работна група во Министерството за правда пред изборите. Ова прашање на средба ќе го решаваат спикерот Гаши и министерот Филков.