Македонија
16. November 2015 - 12:34

Иванов: Повеќе од кога било, на светот денес му е потребно УНЕСКО

Повеќе од кога и да е порано, на светот денес му е потребно УНЕСКО. Трагедијата во Париз не потсети колку и ние, во Европа, сме ранливи на глобалниот непоредок. И токму тој непоредок е првиот предизвик за УНЕСКО, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска учествува на лидерскиот форум во рамки на 38. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, на тема „70 години УНЕСКО - мир и одржлив развој во сложен свет“.

Претседателот Иванов во своето обраќање уште еднаш го пренесе  длабокото сочувство од македонските граѓани до граѓаните на Франција, посочувајќи дека тешко е да се зборува за образование, наука и култура во моменти кога Париз е завиткан во црно.

- Но, токму затоа што е тешко, ние мора да зборуваме за овие нешта, бидејќи тие се дел од нашиот одговор на терористите. Пред два дена, тука, во Париз, не беше нападната само Француската Република, туку целиот цивилизиран свет. Денес, нашиот цивилизиран свет преку УНЕСКО дава дел од својот одговор. Нема да им дозволиме на терористите да ни ги одземат мирот, слободата и правдата, истакна македонскиот претседател.

Трагедијата на Блискиот Исток нè потсетува дека одржливоста на развојот е тешко остварлив во услови на глобален непоредок, порача Иванов. - Непочитувањето на меѓународното право доведе до тоа УНЕСКО да стане колатерална жртва на глобалниот непоредок. А токму оваа организација треба да ни помогне да го вратиме поредокот, рече претседателот Иванов.

Тој додаде дека вториот предизвик  со кој се соочува УНЕСКО е недостигот од заслужената и неопходна финансиска и политичка поддршка.

- Во услови на економска криза, прво страдаат проектите за образование, култура, наука... Но, без нив, само го потхрануваме негативниот циклус, порача претседателот Иванов.

Потенцирајќи дека лекот против религиозното насилство не може да се бара во помалку религија, туку во повеќе меѓурелигиски дијалог, и дека во Европа и Светот нетрпеливоста и расизмот се многукратно зголемени, Иванов порача дека потребата за дијалог е многукратно поголема и истакна дека Македонија ќе го обнови Дијалогот меѓу цивилизациите и во соработка со УНЕСКО ќе ја организира 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

- Како и до сега, во сите наши напори ќе се водиме од увереноста дека дијалогот меѓу различните религии и светогледи завршува онаму каде што започнува нивната различност. Целта на дијалогот не е и не смее да биде надминување, туку почитување и прифаќање на различноста, рече Иванов.

Претседателот посочи дека ова е особено важно денеска кога кон Европа се слева река од бегалци и од мигранти, кои со себе ја носат сета своја етничка, јазична, религиска и културна различност.

- Мигрантската и бегалската криза истовремено е и можност одново да научиме како да живееме со нашите најдлабоки религиски и културни разлики. Образованието, културата и науката се пресудни за овој потфат, порача македонскиот претседател.

Иванов потенцираше дека Македонија е земја со богато историско и културно наследство, но дека набројни, духовно и културно, богати региони денес им се заканува опасност да потонат во духовна и културна беда.

- Во Македонија има многу мултирелигиозни верски објекти кои се израз на македонскиот модел на соживот и на почитување и прифаќање на различноста. Ние различноста не ја сфаќаме како закана, туку како потенцијален извор за збогатување на нашата култура и идентитет, рече македонскиот претседател.

Во своето обраќање тој порача дека културното наследство е многу повеќе од туристичка атракција и дека тоа е темелот врз кој се надградува зданието на целата човечка цивилизација. 

- Во овој глобален непоредок, неповратното уништување на наследството на Блискиот Исток е еднакво на поткопување на темелите на нашата човечка цивилизација. Кога на Блискиот Исток започна систематското уништување на цели заедници, на нивните домови и светилишта, светот немаше линија на помал, туку на најмал отпор. Заборавивме дека тоа не е само нивно, туку и наше минато, истакна претседателот Иванов додавајќи дека како што немаме резервна планета, немаме ниту резервна цивилизација.

Тој рече дека наредната 2016 година, на иницијатива на Македонија, заедно со  Бугарија, Полска и Русија ќе се одбележат и 1100 години од упокојувањето на сесловенскиот просветител Св. Климент Охридски.

Потенцирајќи дека УНЕСКО е чуварот на културната ДНК на човештвото, македонскиот претседател на крајот од своето обраќање порача дека УНЕСКО е наша надеж да се вратиме од патот од кој скршнавме.

- Оваа јубилејна година треба да биде будилник за сите нас. Во спротивно ќе ни се потребни децении за да излеземе од лавиринтот во кој се заглавивме. Исклучивоста да ја замениме со прифаќање, ксенофобијата со почитување и со прифаќање на различноста. Монологот да го замениме со дијалог меѓу цивилизациите, хронолошкиот снобизам да го замениме со почитување на минатото, порача Иванов.

Македонскиот претседател во рамки на работната посета на Франција, вечерва во Париз ќе присуствува на свечената церемонија по повод 70 - годишниот јубилеј од формирањето на УНЕСКО, а ќе оствари средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, и со генералниот секретар на Меѓународната организација на Франкофонијата, Микаела Жан.