Иванов: Интеграцијата на Балканот е клучна за безбедноста на ЕУ
Европската унија (ЕУ) треба да го забрза интегративниот процес како витален елемент и дел од нејзината долгорочна стратегија за безбедност. Балканот секогаш бил крстосница на Европа, а стабилни земји значат и подобра заштита на нејзините југоисточни граници, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.
Претседателот Иванов, како што информира неговиот Кабинет, посочи дека најголемата закана за европската безбедност допрва доаѓа и итно е потребно да ѝ се посвети внимание, посочувајќи на илјадниците странски борци од балканските земји кои учествуваат во борбите на Блискиот Исток.
- ЕУ и НАТО мора да испланираат превентивни мерки против повратниците насочени не само кон нивните земји членки, туку и кон неинтегрираниот дел од Балканот, истакна шефот на државата.
Според претседателот Иванов, интеграцијата на Балканот како целина не е само важна, туку е неопходна за долгорочен мир, стабилност и безбедност во регионот.
Интеграцијата на балканските земји, рече Иванов, во Европската унија е најважната алатка за превенирање од религиозен екстремизам.
- Со тоа би се гарантирале надеж и напредок во регионот, кој веќе покажува знаци на разочарување и очај. Европскиот сон треба да стане реалност за сите и тоа што е можно побргу, порача претседателот.
Балканските земји, посочи Иванов, кои не се се уште интегрирани во Европската унија, се потенцијален Тројански коњ на портите на Европа.
- Неинтегрираните земји од Балканот претставуваат безбедносен јаз во еден многу ранлив дел на Европа. Балканот како регион веќе има сопствени предизвици кои многу лесно може да предизвикаат нестабилност дури и без надворешно влијание: етничка и религиозна разноликост, историски судири, неодамнешни конфликти, невработеност, сиромаштија, корупција и организиран криминал. Сето ова, во комбинација со постојано присутниот национализам, етноцентризам, ксенофобија, а од неодамна и исламофобија, покажува дека Балканот ги има сите потребни состојки, кои терористичките групи може потенцијално да ги искористат за да ја подријат Европа посредно и од внатре, истакна претседателот Иванов во обраќањето на „ Дубровник форумот“.
Регион, додаде Иванов, кој се соочува со предизвици кои од своја страна може да водат кон нестабилност и нефункционални држави, може многу лесно да стане прибежиште за терористи, база за понатамошни операции, транзитни кампови за обука, регрутирање, индоктринација и инфилтрирање на европско тло.
Оттука претседателот апелираше на потребата од долгорочни регионални политики за безбедност, како прв чекор кон создавање на стабилна и безбедна средина.
Претседателот Иванов вчера учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите - учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и оствари билатерална средба со претседателот на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.
Ново на Сител
-
Истражување на ИДУЕП: Младите се скептични дека Македонија ќе влезе во ЕУ
-
Предметот за пожарот во „Пулс“ вратен е во Кочани, од таму ќе биде испратен до Кривичниот суд во Скопје
-
Пожар во Кочани, изгореа 3 автобуси и комбе
-
Отворање две нови ленти за излез на граничниот премин „Богородица”
-
Два онколошки таблетарни лекови до крајот на месецот достапни во аптеките
-
Анализа на Фајненс тинк: Ребалансот предвидува раст на плати и пензии – ефектите може да се почувствуваат врз цените
-
МБА: Банките калкулираат колку да ги намалат провизиите, одлуката ќе биде индивидуална
-
Од следната учебна година свидетелства само во електронска форма