Македонија
27. July 2015 - 17:05

Истражување - Над 600 македонски доктори прегореле од работа, во таа група се и новинарите

Над 600-тини лекари во македонските болници се рамнодушни, цинични и професионално неефикасни . Лекуваат пациенти а и самите имаат потреба од лекарска помош. Според медицинската терминологија боледуваат од  синдром на прегорување. Тоа е најтешка форма на манифестирање на стресот и ваквите личности се емоционално исцрпени. Во комуникацијата со пациентите се незаинтересирани  а тој однос често  може да прерасне во вербална и физичка агресивност. До овие загрижувачки податоци дојде Лекарската Комора при спроведување на истражувањето – Влијанието на условите на работа и работното место врз здравјето на здравствените работници.

-Кај ваквите лекари има недостиг од професионална ефикасност. Рамнодушни, цинични и тој синдром е карактеристичен за професии каде има контакт со луѓе како што се лекарите но и социјални работници, новинари. Високиот стрес на работа и нискиот степен на лична автономија при работењето води до поголема исцрпеност, вели Ленче Неловска, потпретседател на Лекарска Комора

Комората ги има податоците – на потег се менаџерите на здравствените установи кои треба да проверат зошто нивните лекари работат под стрес . Согласно истражувањето потребно е здравствените власти да ги променат и условите на работа кои лошо влијаат на здравствената состојба на медицинските лица.

-Најважно е дека треба да се врати радоста кај овие лица. Овие месеци планираме да спроведеме уште едно истражување за здравствената состојба на здравствените лица. Колку тие се грижат за здравјето и колку се одоговорни како пациенти. Лекарите имаат систерматски прегледи и таму има оценка на психофизичката состојба, вели Неловска

Со истражувањето биле опфатени 6000 лекари но одговори дале само 3000. Дури 90 проценти од нив се од државните здравствени установи а само 10 посто од приватниот сектор. Како резултат на ова истражување, по барање на Комората министерството за здравство пред неколку месеци направи измени во законот и лекарите станаа службени лица.