Македонија
4. September 2017 - 11:42

Исправна водата за пиење во виничките села Градец и Трстија

Последните анализи  на водата за пиење во виничките села Трстија и Градец направени од Центарот за јавно здравје од Кочани покажуваат дека водата за пиење е исправна и може да се употребува.

Директорот на Јавното претпријатие„Солидарност“ од Виница Игор Спасевски, денеска информира дека напорите што биле вложени за испитување на исправноста на водата во овие две села биле оправдани.

- Анализите на водата од овие две населени места кои се правеа континуирано неколку дена по ред покажаа дека сега водата е бактериолошки и хемиски исправна и можат да ја користат жителите од Градец и Трстија. Проблемот со обезбедувањето на вода за пиење минатата недела  го решававме со цистерни, изјави Спасевски.

Во село Градец живеат 1.200 жители додека во село Трстија 120 жители. Спасевски најавува нови инвестициони вложувања во делот на водоснабдувањето за овие две населени места во виничката општина.