Живот
23. May 2016 - 14:17

Исповед на гастербајтер која го "запали" Балканот: Вака изгледа нашиот живот таму!

Голем број луѓе мислат дека во дијаспората е многу полесно и дека сите треба да им помагаат на роднините во татковината, затоа што тоа не им претставува никаков трошок. Меѓутоа, не е сè така како што изгледа.
Еден гастарбајтер, родум од Сараево, одлучил во својата исповед да открие како изгледа животот далеку од земјата во која си роден.
 
„Стариот BMW го купив користен и го чував во гаража до минатото лето и посетата на татковината, затоа што на работа, таму во Германија, одам исклучиво со воз, а на пазар одам со велосипед. Купив нови тркала и навлаки за седиштата, па така го направив да изгледа како нов“, ја започнува својата исповед овој маж, пишува Balkanspress.com.
 
„Сопругата и децата изнакупуваа маици, здолништа, пантолони и уште некои ситници на распродажба, па по наговарање на ќерката, ги фрлија пластичните кеси, а купените работи фино ги препакуваа во некои украсни кеси и ги искинаа цените, па така не се гледаше колку сме платиле. Ја зедовме целата годишна заштеда, сопругата малку влезе и во црвено на картичката, па пред две недели дојдовме овде во татковината за да се одмориме, а потоа да се вратиме со празни џебови“, раскажува тој.
 
Овој Сарајлија одлучил да ги сподели своите неволји со кои се сретнуваат повеќето луѓе од дијаспората кога ќе се вратат во својата татковина.
 
„Секој месец испраќаме пари во Босна, затоа што повеќе од половина од роднините се невработени, а и оние малку кои работат или примаат пензија, исто како ништо да не добиваат. Тие нас нè гледаат како некои волшебници и јас не смеам да им ја уништам таа слика. Еднаш се обидов да им кажам дека напорно работам, но сите роднини како да се глуви, ништо не слушаат од тоа што им го зборувам. Тие мислат дека мене таму во туѓина од небо ми паѓаат златни кокошки. Не сакам да навредам никого, но малку сум уморен од сè, од тоа што станав банкомат од кој се извлекуваат пари“, ја раскажува својата приказна овој маж.
 
Тој навел дека и некои други негови сонародници, кои исто така работат во странство, пред заминување на одмор во Босна подигнуваат помали кредити за да можат да бидат тоа што роднините од нив го очекуваат и за да можат да ги подмират ненаситните апетити на своите потесни и пошироки роднини. Годишно, дијаспората во БиХ испраќа околу 1.75 милијарди евра, што претставува 30% од БДП на земјата.
 
„Нè сакаат само додека им даваме пари, а инаку за нив сме селани и шутраци. Ни се смејат зад грб. Кога ќе влеземе во некое кафуле гласно коментираат како се облекуваме или нашиот акцент кога ќе уфрлиме некој странски збор“, се пожалил еден маж по потекло од Зворник, кој после последната лоша епизода за време на „одморот во татковината“ одлучил да не оди повторно таму барем некое време.