Македонија
3. December 2021 - 16:35

Иницијатива на матични лекари - Парите да се дадат за поквалитетно лекување на ковид пациенти

Не ни треба стимулација, туку вреднување на трудот. Ваква кампања на социјалните мрежи почнаа матичните лекари, како реакција на владината одлука доколку убедат 70 проценти од нивните пациенти да се вакцинираат против Ковид да добијат бонус по 30 денари од вакциниран пациент. Матичните бараат овие пари да бидат донирани за лекување на сограѓаните. 

Од здружението на приватни лекари сметаат дека мерката е неприфатлива, понижувачка и не може да се реализира. Како здружение не биле консултирани.

-Не може да се реализира и не го прифаќаме, ќе ни го наруши угледот граден повеќе од 30 години со нашите пациенти и ќе се доведеме во ситуација да доаѓаат пациенти и да ни велат: Докторка ќе земете 30 денари за нас... Такво понижување и поголем шамар нема, изјави Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Според министерот за здравство оваа мерка е добра за зголемување на опфатот на имунизација во земјава кој и понатаму е под 40 проценти, но ќе оставеле простор наредниот период за да видат како ќе се спроведува.

Доколку матичен лекар има 2000 пациенти и ја исполни квотата со 70 проценти вакцинирани ќе добие околу 1000 евра, но парите ќе му бидат префрлени пред летото 2022 година.