Македонија
9. August 2015 - 16:53

Имамот Мемиши врбувал борци за џихад и низ источна Македонија

Скопскиот имам Реџеп Мемиши имал  контрола и врз џамиите во Источна Македонија. Според сведоштва на  граѓани од Штип, Радовиш и Струмица , творецот на т.н. исламски келии во земјава, и овие верски објекти  ги користел за проповеди и обучување на млади луѓе кои во иднина треба да се борат за целите на исламската држава. Не е исклучена можноста поголем број на македонски државјани кои во моментов се на боиштата во Сирија, да биле врбувани токму преку џамиите во Источна Македонија. За ширење на своите радикални идеи, Реџеп Мемиши и неговите приврзаници доста успешно го користеле и интернетот. Преку интернет страната Теухид.нет и социјалните мрежи Мемиши секојдневно повикувал на учество во т.н света војна џихад на Блискиот Исток.

Последниот случај со православниот  христијанин Стефан кој одлучил да го прифати радикалниот ислам, откри дека бројката на преобратени македонци во земјава е многу поголем. И натаму не е познато кои се нивните мотиви за прифаќање на исламската религија. На оваа тема пред камерата на Сител, не сакаа да зборуваат ниту родителите на Стефан пред да заврши судската постапка. За печатените медиуми, неговиот татко неоткривајќи го својот идентитет, вели дека со години тој и неговата сопруга знаеле дека нивниот син е муслиман. Забележале промени во неговото однесување, Стефан престанал да јаде свинско месо, ги почитувал сите муслимански адети, па дури и постел за рамазан. Родителите подолго време се обидувале да го разубедат, барале помош од многу места и луѓе, не безуспешно. И покрај тврдењето на МВР, во изјавата за весникот Дневник, таткото на Стефан негира дека неговиот син бил во Сирија за да убива луѓе. Стефан по професија е лекар, па затоа неговите родители веруваат дека тој кратко работел во болница во близина на турско-сириската граница. Кој бил неговиот мотив за напуштање на христијанската религија не е познато, но тоа дефинитивно не се парите, бидејќи Стефан потекнува од добро ситуирано семејство и родители интелектуалци.