Свет
20. March 2016 - 10:21

Хавана се подготвува за историската посета на Обама

Американскиот претседател Барак Обама ќе допатува денеска во дводневна историска посета на Куба што претставува пресврт по децении тензични односи меѓу двете држави и дава ентузијазам за Кубанците чија Влада остро ги критикуваше десетте претходни американски лидери.

Во Хавана пред посетата распоредено е силно полициско обезбедување под полна опрема, фасадите на зградите се обновени, а долж улици се поставени американски знамиња и пораки со многубројни постери на кој Обама е покрај кубанскиот претседател Раул Кастро.

Посетата на Обама на Куба е прва на американски претседател во изминатите 88 години и беше незамислива се додека тој со Кастро во декември 2014 година не се согласи да се запре отуѓувањето кое почна кога со кубанската револуција е симната од власт проамериканската влада во 1959 година.

Откако се збилижија, двете страни обновија дипломатски односи, потпишаа трговски договори за телекомуникации и авионски линии и проширија соработка во областа на спроведување на закони и заштита на природната средина.

Остануваат сепак, несогласувања пред се за укинување на 54-годишното економско ембарго над Куба чие укинување го бараше Обама од Конгресот, но неговите напори ги блокираа републиканците.

Говорот на Обама во вторник ќе биде пренесуван во живо на Кубанската телевизија. Обама има намера историската посета на Куба да ја искористи да ги зајакне своите напори со цел понатамошно обновување на односите по половина век, јавуваат американски медиуми.